Македонија
(Видео) Тајванци како заробеници работеле во измамнички кол-центри во скопската населба Бардовци
Полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во соработка со неколку други оддели сузбија криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација врз државјани на Тајван, при што се приведени девет лица – државјани на Тајван.
Криминалната група функционирала во повеќе земји и по првичните оперативни информации за нејзино присуство на наша територија, во координација со полицијата на Тајван и Интерпол, веднаш е пристапено кон преземање мерки за детектирање и нејзино сузбивање.
Како што информираат од МВР, млади луѓе од Тајван биле регрутирани од страна на т.н. синдикати за да работат во странство.
Повеќето од младите не ги знаеле сите детали за работата што треба да ја вршат сѐ додека не стигнат до крајната дестинација. По пристигнувањето, тие биле физички ограничени во куќа, која функционирала како кол-центар за телефонски измами и немале пристап до своите пасоши и мобилни телефони.
Биле принудени да работат со часови, без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите.
Таканаречените синдикати користат брз интернет за воспоставување меѓународни разговори. Телефонските оператори од прво ниво се претставувале лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување.
Следно, операторите од второ ниво лажно се претставувале како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и бараат доказ за извршена уплата за некаква казна.
Конечно, жртвите на телефонските измами биле префрлани во трето ниво, каде што операторите им се претставувале како обвинители или судии и ги убедувале жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна.
Во координација со ОЈО и добиена наредба од судија на претходна постапка на 7 мај годинава извршени биле претреси на две локации во населбата Бардовци, Скопје.
На првата локација биле затекнати и приведени шест члена на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван).
Дополнително, детектирани се уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје. Вкупно иднетификувани се 39 жртви на трудова експлоатација.
По добиени насоки од јавен обвинител, сите обезбедени материјални докази ќе бидат предадени на надлежните служби за спроведување на законот од Тајван заедно со идентификуваните жртви и лицата идентификувани како членови на меѓународната криминална група за нивно натамошно процесуирање во Тајван, каде што се обвинети за повеќе кривични дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

