Македонија
Казнет 101 возач за брзо возење во Куманово, Крива Паланка и Кратово

Полицијата денеска казнила 101 возач за брзо возење во Куманово, Крива Паланка и Кратово.
„Денеска на подрачјето на СВР Куманово спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 101 возачи, од кои 68 на територија на Куманово, 26 на територија на Крива Паланка и седум на територија на Кратово“, соопшти МВР.
Од таму најавија дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски ќе се сретне со семејствата на загинатите во Кочани, Мицевски вели: Нема простор за политичко профитерство

Денес на 46-тата собраниска седница, каде се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, на собраниската говорница се обрати и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
,,Побарав процедурално бидејќи сакав накратко да се обратам до сите пратеници, но и до целата македонска јавност. Нема да ги дозволиме политичките профитери од опозицијата да ја злоупотребат, вулгализираат и да ја пренесат на улица трагедијата во Кочани и да си поигруваат со тажната судбина на овие луѓе“, изјави Мицевски.
Тој истакна и дека единственото решение е институционално и брзо решавање на случајот и ја информираше јавноста дека денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе ги прими семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани.
,,Единственото решение е институционално и брзо решавање на овој случај. За тоа работиме, за тоа се залагаме. Се’ останато е политичко некрофилство. Имено, ја информирам јавноста и вас пратениците дека министерот за внатрешни Панче Тошковски во 14:30 часот во министерството ќе ги прими и ќе оствари средба со семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. Од овие причини, барам 1 час пауза. А потоа ќе продолжиме со работа по интерпелацијата, за која што очигледно не ви е гајле, бидејќи тој што ја поднесе, прв замина и не е присутен на оваа пленарна седница“, прецизираше Мицевски.
Македонија
Граѓаните кои имаат сведоштва и докази за работењето на „Пулс“ да ги споделат со истрагата, повика Обвинителството

Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата. Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: [email protected]
Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим.
Обвинителството информираше и дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс” продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
Македонија
Муцунски по повод Денот на македонската дипломатија: „Таа е мост помеѓу народите и чувар на мирот“

По повод 29 април – Денот на македонската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, упати честитка преку социјалните мрежи.
Во објавата, министерот потсети дека македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство, формирано во 1969 година, како прв институционален облик за водење на надворешната политика.
„Овој ден е посветен на дипломатите и сите вработени во Министерството за надворешни работи, чиишто посветеност, професионализам и дипломатска умешност се клучни за градење на меѓународниот углед на нашата земја, за унапредување на билатералните и мултилатералните односи и за одржување на врските со македонската дијаспора“, напиша министерот Муцунски.
Тој додаде дека Денот на македонската дипломатија нè потсетува на важноста на дипломатската мисија како мост меѓу народите, чувар на мирот и промотор на соработката, упатувајќи честитка до сите актуелни и поранешни дипломати и вработени во Министерството за нивниот придонес.