Економија
Костадинов: Инвестиции од околу 400 милиони евра во две фабрики за преработка на отпад
Следуваат инвестиции од околу 400 милиони евра во две фабрики за преработка на отпад, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Фабриките се во рамки на Интервентниот план на инвестиции во вредност од над осум милијарди евра кои треба да се реализираат до 2027 година.
Како што истакна Костадинов, еден од инвеститорите е од Луксембург, кој ќе инвестира 336 милиони евра за фабрика со плазма за согорување, односно бескислородно согорување на високи температури.
„Оваа инвестиција е во затворен систем без оџак и е целосно еколошка инвестиција. Покрај фабриката, вкупната инвестицијата содржи и 100 комунални возила за собирање смет, изградба на 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво во Општина Неготино“, рече Костадинов.
Нагласи дека инвестицијата претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74 проценти од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 општини.
Понатаму, следува и отворање фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот Регион, во вредност од 37 милиони евра, средства од ЕУ.
„За целите на оваа инвестиција веќе е формирано заедничко комунално претпријатие за управување со депонијата, односно со новата фабрика во Свети Николе. Според предвиденото, стартот на изградба би бил до крајот на годината, а истата би опфатила огромен број општини од Штипскиот и Кумановскиот Регион“, појасни Костадинов.
Како што додаде, само со овие две инвестиции во вкупна вредност од околу 400 милиони евра се става крај на деценискиот проблем со депониите во нашата држава.
„Ова се инвестиции за нови работни места, но и за почиста и поздрава животна средина“, додаде портпаролот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

