Свет
Ердоган го предупреди Ирак дека ќе го исчисти бегалскиот камп Макмур
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го предупреди Ирак дека Турција ќе го „исчисти“ бегалскиот камп Макмур, за кој вели дека e засолниште на курдските екстремисти.
Имено, тој се закани дека ќе спроведе воена кампања подлабоко на територијата на Ирак.
Турските сили ги засилија нападите врз базите на забранетата Курдистанска работничка партија во северен Ирак во текот на минатата година, насочувајќи ги своите упади главно на појас до 30 километри во Ирак, објави „Ројтерс“.
Но Ердоган рече дека Макмур, камп лоциран на 180 километри јужно од границата со Турција и кој е „домаќин“ на илјадници турски бегалци повеќе од две децении, е „инкубатор“ за екстремистите и дека прашањето мора да се реши.
„Ако Обединетите нации не го исчистат, ние ќе го сториме тоа како членка на ООН“, рече Ердоган, додавајќи дека Анкара смета дека Макмур претставува голема опасност.
„Колку долго треба да бидеме трпеливи поради тоа?“, праша Ердоган во интервју за државната телевизија ТРТ, што го даде доцна синоќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците предупредија: Наскоро може да се случи голем напад врз Украина
Американската амбасада во Киев предупреди на можноста од значаен воздушен напад врз Украина во наредните денови, објави на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во предупредувањето што денеска го објави Американската амбасада во Киев се наведува дека заканата се однесува на целата територија на Украина, односно на сите окрузи во земјата. Според соопштението, американските власти добиле информации за можен силен воздушен удар што би можел да се случи во кој било момент во текот на следните неколку дена.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) January 8, 2026
Американската амбасада повторно ги повика своите државјани да бидат подготвени веднаш да побараат засолниште во случај на прогласување воздушна тревога. Вакви предупредувања Вашингтон редовно објавува во моменти на зголемени безбедносни ризици, особено кога постојат разузнавачки податоци за можни напади од руската војска.
Предупредувањето доаѓа во период кога Украина со недели е изложена на интензивни ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура и градовите низ земјата, додека властите во Киев предупредуваат дека Русија би можела да продолжи со бранови масовни удари.
Свет
Германија одбива да испрати војници во Украина од страв од Трета светска војна
Додека Велика Британија и Франција најавија можност за испраќање копнени сили во Украина во рамки на потенцијална мировна мисија, Германија зазема значително повнимателен став. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Бундесверот би бил распореден исклучиво на територијата на НАТО земјите што граничат со Украина, со цел поддршка на евентуално примирје, пренесува „Телеграф“.
Мерц појасни дека Германија ќе учествува во надзор на прекинот на огнот и во зајакнување на Украина, но без германски војници да стапнат на украинска територија. Иако под негово водство Германија започна со зајакнување на армијата и најави изградба на најсилната конвенционална војска во Европа, ваквиот став покажува воздржаност.
Причините, според анализата, се поврзани со германската внатрешна политика и уставните ограничувања по Втората светска војна. Секое испраќање војници во странство мора да биде одобрено од Бундестагот, а Мерц има тесно парламентарно мнозинство, што ваква одлука ја прави политички ризична.
Дополнителен фактор е и силниот отпор што би доаѓал од повеќе партии, вклучително и Социјалдемократите, кои традиционално се попретпазливи кога станува збор за воени ангажмани и провоцирање на Русија. Присутно е и историското бреме од можноста германски војници повторно да се најдат во конфликт со Русија.
Свет
Макрон и Штајнмаер со критики кон САД: Светот оди кон поделба на сфери на влијание
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето годишно обраќање за надворешната политика ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп, обвинувајќи ги САД дека го поткопуваат глобалниот поредок заснован на правила. Тој оцени дека САД, како етаблирана сила, сè повеќе се оддалечуваат од дел од своите сојузници и се откажуваат од меѓународните правила што порано ги промовирале.
Макрон предупреди дека светот се движи кон поделба на сфери на влијание, во која големите сили настојуваат да доминираат, посочувајќи дека САД ја зајакнуваат својата улога во западната хемисфера. Иако директно не ги спомена Венецуела и Гренланд, тој ја обвини американската политика за кршење на правилата во трговијата и безбедноста, што предизвикува сериозна загриженост во Париз.
Критики упати и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој оцени дека светот не смее да се претвори во дувло на разбојници во која најбескрупулозните земаат што сакаат. Тој истакна дека глобалната демократија никогаш не била толку загрозена и предупреди на, како што рече, „слом на вредностите“ кај најважниот партнер на Европа – САД.
Фото:Depositphotos

