Македонија
Димитров: Потребно е решение кое не навлегува во идентитетските обележја

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ) при Собранието, вчера учествуваше на првата конститутивна седница на ова тело во новиот собраниски состав.
На седницата беше дискутирано за актуелниот статус на Северна Македонија од аспект на европската перспектива и текот на процесот за подготовка на државата за членство во Европската Унија.
Во тој контекст, вицепремиерот Димитров ја истакна улогата на Националниот совет како директен учесник и важен чинител, посочувајќи дека Северна Македонија е во одлична позиција од аспект на усогласеност со правото на ЕУ, споредено дури и со земјите кандидатки коишто подолго време имаат отворено пристапни преговори.
Димитров се осврна на перспективите за европската интеграција на државата во пресрет на јунскиот Самит и обидите за надминување на пречките за усвојување на преговарачката рамка.
„Северна Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, ние сме веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно“, изјави Димитров.
Говорејќи отворено за можностите за пробив на европскиот пат, Димитров подвлече дека процесот на европеизација на Северна Македонија мора одлучно и посветено да продолжи со исполнување на реформската агенда, пред сè поради подобрување на животот на граѓаните. Во таа насока, Димитров пред членовите на НСЕИ ги претстави активностите во рамките на „Агенда: Европа дома“, плановите за усвојување на новата Национална програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА 2021-2025) со среднорочна перспектива прилагодена на структурата на новата методологија за пристапни преговори, ревизијата на владиниот преговарачки институционален механизам, како и статусот на постапката за усвојување на Регулативата за ИПА 3 како услов за почеток на реализацијата на Економскиот и инвестициски план и Зелената агенда на ЕК за Западниот Балкан.
„Многу е важно времето да го искористиме не во чекање туку во работа, бидејќи меѓу другото пристапниот процес е алатка за реформи. Таа не носи волшебни промени преку ноќ, меѓутоа со политичка волја, особено ако преку ова тело се обединат напорите на власта и опозицијата од една страна, а од друга страна факторите од приватниот сектор, академијата, целото општество – можеме многу да направиме. Во овој општ напор мислам дека треба посебно внимание да обрнеме и на младите, за утре да бидат активен чинител во градењето на политиките на Унијата и нашите политики“, истакна вицепремиерот.
За крај, Димитров нагласи дека со отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ допрва ќе има многу предизвици и процесот е многу комплексен, но НСЕИ треба да генерира синергија за надминување на разликите низ отворен дијалог, бидејќи токму европската агенда е обединувачка кауза и мисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)