Македонија
Арсовски: Насила се држи судија поротник кој досега треба да е заминат во пензија во случаите против ВМРО-ДПМНЕ
Судијата поротник Митко Сандев, во случаевите „Талир“, каде што е обвинета ВМРО-ДПМНЕ и поранешни нејзини функционери, има навршено полни 60 години, но насила се држи иако досега треба да е заминат во пензија, обвини на прес-конференција портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски.
Од опозицијата велат дека претседателот на кривичниот суд, Иван Џолев, треба да поднесе иницијатива кај претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, за прекин на мандатот на Сандев.
„По наредба на Заев, Иван Џолев не поднесува никаква иницијатива за престанок на функцијата на Митко Сандев со навршени 60 години, со што сака дополнително да врши терор врз ВМРО-ДПМНЕ, кој на Заев во моментов му е многу потребен бидејќи се ближат локалните избори, но и ВМРО-ДПМНЕ сериозно води на анкетите“, вели Арсовски.
Тој изјави дека со ваквата постапка, Иван Џолев прави кривично дело за непочитување на законот и институциите и се однесува како деспот во Судот, додека, пак, настрана од тоа што и самиот Џолев може да одговара кривично за непочитување на закон, свесно го турка и кутриот Митко Сандев во кривично дело вршејќи му притисок да не ја напушта функцијата судија поротник, иако мора да ја напушти затоа што има веќе полни 60 години.
ВМРО-ДПМНЕ прашува „дали Иван Џолев е човекот кој му вршел притисок на Митко Сандев и му се заканувал да не ја напушта функцијата и незаконски да делува како судија поротник, што целата понатамошна постапка за случаевите ја прави незаконита“.
Дополнително, од партијата потенцираат, дека ваква пракса за менување судија поротник кој навршил 60 години е редовна и нормална, имајќи предвид на пример дека судскиот совет го разрешил одреден судија поротник во основниот суд во Гостивар и назначил нов и вакви случаи можеби годишно има десетици, но и стотици.
Арсовски вели дека вчера седница имал судскиот совет и на една од точките разрешувал судии поротници со навршени 60 години, каде штто според информациите на ВМРО-ДПМНЕ еден таков бил и скопскиот суд, но тоа не бил Митко Сандев.
„Иван Џолев за едни работи според закон, за други работи според личните желби на Зоран Заев. Еден апел и порака лично до претседателот на Судот, Иван Џолев, да не ја обесчестува функцијата претседател на Судот, колку и да му е должен на Зоран Заев затоа што го поставил на таа позиција тој мора да работи според закон, односно да ги преземе неопходните иницијативи уште веднаш, бидејќи и самиот тој е свесен дека кривично ќе одговара доколку продолжи да го прекршува законот, само заради желбите на Зоран Заев“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

