Македонија
Зголемен бројот на напади врз новинарите во Македонија
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.
Методологијата на истражувањето, развиена во 2016 година, беше усогласена со текот на годините за да се стандардизира собирањето и анализата на податоците и да се приспособи фокусот на истражувањето кон промените во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан.
Врз основа на оваа стандардизирана алатка за истражување, новинарските здруженија од земјите од Западен Балкан ги оценуваа најновите случувања во своите земји и се вклучија во разни активности за застапување за унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите со поддршка на Европската комисија, а го следат развојот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји.
Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера, но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година туку напротив е влошена.
Во 2020 година кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.
Во 2020 година земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92. место, што е за три места повисоко од 2019 година.
Во извештајот за 2020 година се нотира дека новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите. ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека не треба состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири и повеќе години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин, беа плаќани астрономски суми во медиумите. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување.
Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера. Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во Изборниот законик.
Во овој извештај за 2020 година се нотира дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.
Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на 2020 година беа забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни.
Во декември 2020 година Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа штета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година. Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите.
Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.
Годишниот извештај можете да го погледнете на следниот линк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела 4.490 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“
Во периодот од 09 до 15 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.490 прекршоци, што претставува намалување за 10% во споредба со првата седмица во месец февруари кога беа регистрирани 4.991 прекршок, соопшти МВР.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.297, потоа за минување на црвено светло – 33, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 160 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 148 мерки „забрана за управување со возило“, чиј број бележи намалување од 48,6% во однос на минатата седмица, од кои 33 се за минување на црвено светло, а 115 се за брзо возење, од кои 99 за брзина поголема од 80 км на час во населено место, 12 за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило и четири за брзина поголема од 170 км на час во ненаселено место.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи низа катастрофални грешки во образованието, го решаваме и овој проблем
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувњата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста. Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја. Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии“, велат од партијата.
Од таму истакнуваат дека е точно дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања и сметаат дека нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите.
„Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека СДС ред не успеале да воспостават ред со приватните универзитети и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа.
„Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека ги охрабруваат СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение.
Македонија
Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст
Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .
„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.
Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.
На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.
Врнежите викендов поплавија земјоделско земјиште и во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште, а најголемо поплавување куќи има во Кичево, од каде што се евакуирани 220 лица. Привремено се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.За нив, како и за сите погодени од поплаците е организирана на храна и вода.
Врнежите направија штети и во Тетовскиот регион каде што се регистрирани проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка.

