Македонија
Откриени нови гранати од Првата светска војна кај „Тумба кафе“ во Битола

При изведување на градежни работи во близина на градскиот стадионот под „Тумбе Кафе“ вчера биле пронајдени три стари гранати, соопшти полицијата.
Вработен во Дирекцијата за заштита и спасување ги подигнал гранатите и констатирал дека станува збор за артилериски гранати калибар 75 мм од Првата светска војна.
Лани околу 11.500 артилериски гранати со калибар од 75 мм заостанати од Првата светска војна беа утврдени на истата локација. Се претпоставува дека местото било напуштена позиција на некоја од завојуваните страни во Првата светска војна. Ова е најголема количина на гранати пронајдена на една локација во Македонија и на Балканот.
Уништувањето на гранатите откопани лани во Битола, почна на крајот на минатата година на армискиот полигон „Криволак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мојсоска: Домување за жртвите на семејно насилство е приоритет во програмата на Левица

„Иако локалната самоуправа има законски обврски и надлежности во заштитата од семејно насилство, фактите се дека општина Струга целосно заостанува во тој поглед. Податоците покажуваат дека сѐ повеќе жртви се охрабруваат да ги напуштат насилниците, но економската зависност е коренот на проблемот, поради кои жртвите остануваат да трпат семејно насилство“, истакна Јована Мојсоска во дискусијата одгранизирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во Струга.
На настанот на која присуствуваше и Климе Карамитриески, носителот на советничката листа на Левица за Струга Мојсоска презентираше и дел од програмата на Левица во кој се предвидува изградба на шелтер центар за жртви на семејно насилство, финансиска поддршка за домување за жртви на семејно насилство како и предност при вработување на самохрани мајки и жртви на семејно насилство.
На крајот од своето обраќање Мојсоска истакна: „Мојата главна порака е дека игнорантноста и неспособноста на институциите не смее да кошта човечки животи“.
Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.