Свет
„Политико“: Има пет работи поради кои Бајден ја сака Европа, една од нив е Балканот
Малкумина американски претседатели стапиле на таа функција со толку многу поминати километри во меѓународни патувања како што е Бајден, пишува порталот „Политико“.
Имено, за време на својот мандат како потпретседател на САД, Бајден има преминато над 1,6 милион километри на патувања во 57 земји во светот, наведува бриселскиот портал.
Кога на тоа ќе се додадат и стотиците патувања за време на неговиот мандат како член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот од 70-тите години, може да се каже дека Бајден има најпополнети пасоши во споредба со сите други станари во Белата куќа.
Многу од овие патувања биле во Европа, која отсекогаш имала посебно место во срцето на Бајден.
Затоа, неслучајно и неговото прво патување во странство по стапувањето на претседателската функција, е всушност патување на стариот континент, пишува „Политико“.
Според порталот, официјална цел на патувањето на Бајден веројатно е за да им покаже малку љубов на европските сојузници по нападите што ги претрпеа од неговиот претходник. Но, Бајден навистина ја сака Европа.
Тој ентузијазам беше опиплив и во текот на претходните години, кога и да ја посетуваше својата прва татковина Ирска, кога присуствуваше на Конференцијата за безбедност во Минхен или кога ги посети најоддалечените делови на Балканот, односно на сите места на кои повремено се враќаше.
Постојат пет места што Бајден најмногу ги сака во Европа, а тоа се Ирска, Балканот, седиштето на НАТО, Минхен и Унгарија.
„Политико“ наведува дека многу американски политичари имаат ирско потекло, а таков е случајот и со двајцата родители на Бајден.
Друго европско катче во кое Бајден бил претплетен професионално и политички е поранешна Југославија, регион полн со историски поделби, кои, како што наведува „Политико“, не се разликуваат многу од ситуацијата во Ирска.
Порталот наведува дека Бајден никогаш не се откажал од Балканот враќајќи му се повторно и повторно и долго откако повеќето западни политичари го изгубиле интересот.
„Балканот не е споредна стратешка мисија“, им порача тој на колегите од Сенатот по посетата на регионот во 2001 година.
„Југоисточна Европа останува централна за безбедноста на целиот континент, а со тоа и на Соединетите Американски Држави“, додаде тогаш Бајден.
Кога стана потпретседател во 2009 година, Бајден повторно го посети регионот. Во 2016 година тој беше во Косово поради отворањето на новиот автопат именуван по неговиот покоен син Боу, кој своевремено волонтира во Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.

