Македонија
Спасовски на реконструкцијата на патот во Кумановско: По цели 40 години, се вложува во регионoт од каде што потекнувам

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изврши увид во работите за рехабилитација на магистралниот пат Куманово – Страцин.
Тој беше придружуван од вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Спасовски посочи дека и самиот потекнува од овој регион кој, како што рече, со години во изминатиот период бил запоставен.
„На овој патен правец се вложува првпат по 50 години со цел да се рехабилитира токму од страна на оваа Влада предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев. Ако го погледнеме Кумановско-кривопаланечкиот Регион, ќе видите дека единствените вложувања по 40 години се токму сега, во овие три години. Ќе напоменам дека само во овие три години сите регионални патишта се реконструирани или е во тек реконструкцијата, а притоа се гради и еден ескпресен пат“, посочи Спасовски.
Тој во однос на реконструкцијата на патот зборуваше и од аспект на ресорот што го покрива.
„Ако сакаме да имаме поголема безбедност во сообраќајот со помалку жртви, помала материјална штета и помалку повредени лица, треба да имаме и добра инфраструктура. И токму затоа и заедно настапуваме за сето тоа што не беше направено, рехабилитирано, обновено да го завршиме што е можно побргу и на тој начин да создадеме подобри услови и поголема безбедност во сообраќајот“, истакна министерот за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва

На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва. На Табановце кон Србија за влез и излез од државата се чека од 20 до 30 минути, а на граничните премини Дојран и Богородица кон Грција времето на чекање е до 15 минути, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
Според утринските информации на АМСМ, сообраќајот на државните патишта надвор од градските средини е умерен.
Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.