Македонија
Заев од Самитот за Западен Балкан: Да ја направиме 2021-ва година на силен исчекор напред
Да ја направиме 2021-ва, година на силен исчекор напред, бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ, рече премиерот, Зоран Заев, кој денеска присуствува на Самитот за Западен Балкан во Виена, на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Премиерот Заев во рамки на Самитот, учествуваше на пленарен состанок заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерите на Црна Гора и Косово, Здравко Кривокапиќ и Албин Курти, како и Зоран Тегелтија, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина, албанската министерка за инфраструктура и енергија, Белинда Балуку и посебниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан Мирослав Лајчак.

Во своето обраќање, на пленарната сесија, Заев истакна дека дебатата се случува во клучен период од повеќе причини кои постојат и во Европската Унија и во регионот Западен Балкан.
„Со новата Европска комисија, која ја продолжува искрената определба за проширување на претходната, и со лидерите на земјите членки на Европската Унија кои ја прифатија новата методологија за проширување, оваа стратешка цел на ЕУ доби повторна виталност која не смее да се загрози со натамошни одлагања на сериозни и конкретни чекори кои се однесуваат на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан“, рече Заев оценувајќи дека Северна Македонија, со Грција покажа дека е возможно и од процес на недоразбирање да излезат како посилни пријатели и изрази уверување дека тоа е возможно и со Бугарија.
Премиерот Заев оцени дека сега постои една солидна политичка поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која нему лично му ја потврдиле повеќемина европски лидери, како и сите највисоки претставници на Европската Унија, за време на неодамнешната посета на Брисел.
Тој изрази задоволство од препознавањето на важноста Западен Балкан да биде дел од иднината на Европа.
„Затоа да ја направиме заеднички 2021 година како година за паметење, година во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме – нема да запреме“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

