Свет
Телото на новиот израелски министер тема на владина седница: „Ги тераш мажите да се срамат“
Снимка од израелскиот министер за туризам, Јоел Развозов, како излегува од вода, ги обиколи социјалните мрежи, каде корисниците не престануваат да зборуваат за неговите мускули.
Снимката што го покажува мускулестото тело на израелскиот министер за туризам започна да се шири на социјалните мрежи, а насловот под видеото, покажува колку Израелците се воодушевени од неговиот изглед: „Нешто што заборавија да ни го кажат за новата влада: Јоел Развозов е најзгодниот министер за туризам што некогаш сме го имале“, пренесува „Телеграф“.
משהו ששכחו לספר לנו על הממשלה החדשה:
יואל רזבוזוב הוא שר התיירות הכי חתיך שהיה לנו pic.twitter.com/0JDaWjvMHc— Eran Swissa (@EranSwissa) June 18, 2021
40-годишниот Развозов е близок соработник на Јаир Лапид, а пред да се определи за политичка кариера, тој бил успешен џудист. Го претставувал Израел на европски и светски шампионати, а боите на својата земја ги бранел дури и на Олимписките игри.
Јоел е од неодамна во политика, затоа што морал да ја заврши својата спортска кариера поради неколку повреди, но сепак е голем љубител на спортот и редовно оди на сурфање.
Видеото, кое почна да се шири на социјалните мрежи, покажува како министерот излегува од вода додека во рацете држи даска за сурфање, а ова видео многумина ги потсетило на познатите сцени од серијата „Чуварите на плажата“.
Видеото дури стигнало и до седница на владата, каде го споменал новоизбраниот премиер Нафтали Бенет, пишува „Тајмс од Израел“.
„Јоел, престани да правиш мажите да се срамат пред своите жени“, рекол Бенет алудирајќи на снимката.
Ниту Развозов не останал должен, па му одговорил на Бенет на сличен начин.
„Јас го правам тоа само за да ги рекламирам израелските плажи“, рекол министерот за туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Историски грабеж на банка во Германија, ги ограбиле трезорите и украле повеќе од 30 милиони евра
Крадците кои провалија во филијала на штедилница во Гелзенкирхен за време на викендот украдоа готовина и вредни предмети во вредност од 30 милиони евра, што го прави најголемиот грабеж од ваков вид во поновата германска историја, соопшти полицијата.
„Крадците провалија во повеќе од 3.200 сефови на клиенти во трезорот на локалната штедилница и украдоа готовина, накит и златни прачки во вредност од околу 30 милиони евра“, соопшти полицијата во покраината Северна Рајна-Вестфалија.
Крадците, најверојатно во неделата навечер, користеле специјални дупчалки од блискиот паркинг за да провалат во трезорот на банката. Сведоците велат дека тројца маскирани мажи избегале со Ауди Р6 со регистарски таблички што биле украдени во Хановер.
Кога беше објавена веста за грабежот на Штедилницата, околу двесте корисници на сефови се собраа пред филијалата на банката, барајќи информации од банката за грабежот. Ова доведе до немири и обид за насилно влегување во просториите на банката, што бараше интервенција на полицијата.
Германските медиуми објавуваат изјави од индивидуални банкарски клиенти кои се жалат дека ги изгубиле сите свои работи во грабежот.
Грабежите станаа чести во западна Германија, во близина на границата со Белгија и Холандија, а сторителите често доаѓаат од другата страна на границата.
фото/депозитфотос
Свет
Фон дер Лајен: Пристапувањето на Украина во ЕУ е клучна безбедносна гаранција
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија е клучен дел од идните безбедносни гаранции на земјата.
Нејзината изјава доаѓа по разговорите меѓу европските лидери за мировните преговори кои заглавија откако Русија ја обвини Украина за напад врз приватната резиденција на Владимир Путин, објави Euronews.
По видео повикот со лидерите на Германија, Франција и Полска како дел од Берлинскиот формат, Фон дер Лајен нагласи дека членството во Унијата „само по себе претставува клучна безбедносна гаранција“.
„На крајот на краиштата, просперитетот на слободната украинска држава лежи во пристапувањето кон ЕУ“, објави таа на социјалните мрежи.
„Пристапувањето не им користи само на земјите што се приклучуваат; како што покажаа последователните бранови на проширување, тоа и користи и на самата Европа.“
Нејзините коментари уследија по една недела интензивна дипломатска активност меѓу американските, украинските и европските претставници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека безбедносните гаранции меѓу трите страни се „скоро договорени“.
фото/депозитфотос
Свет
Чешкиот министер: Трамп е клучен посредник за мирот во Украина
Чешкиот министер за надворешни работи Петр Мациника изјави дека светот се движи кон дипломатско решение за војната во Украина и дека Доналд Трамп се позиционирал како клучен посредник кој може да ги донесе двете страни на преговарачка маса, пренесе Анадолу.
Мациника оцени дека последните настани укажуваат на напредок кон преговори и дека Украина направила значајни отстапки, додавајќи дека следниот чекор сега е на Русија. Тој предупреди дека напредокот ќе бара конструктивен пристап од сите страни и дека трпението на Трамп „не е бесконечно“.
Според Мациника, силни западни безбедносни гаранции би можеле да бидат алтернатива за членство на Украина во НАТО и да спречат повторување на конфликтот.
Изјавите доаѓаат по разговорите меѓу Володимир Зеленски и Трамп во САД, кои Трамп ги оцени како „одлични“, наведувајќи дека останале уште едно или две отворени прашања до мировен договор.

