Македонија
(Видео) Заев до ВМРО-ДПМНЕ: Кои се всушност вашите ставови?
Премиерот, Зоран Заев, на денешната седница за пратенички прашања побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да кажат за каква иднина на државата се залагаат и кои се нивните ставови по однос на евро-перспективите.
„Вие тоа не го помагате, зборувајќи за чиста Македонија, зборувајќи за Македонија на Македонците и слично. Кои се всушност вашите ставови, да го штитиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет, или по која било цена да се договориме со Бугарија, за да може да станеме членка на ЕУ“, праша Заев.
Според премиерот, радикално националистичките ориентации на поединци од ВМРО-ДПМНЕ, биле пречка за нашата држава, низ децениите и денес.
„Провокации е лесно да создавате со соседите, кавги може да направите кога сакате и со кого сакате. Прашање е дали може да постигнете договор и дали може низ дијалог да ги решавате проблемите. Европа денес функционира со 27 земји членки, низ дијалог, низ компромиси – со меѓусебно почитување ги изнаоѓаат решенијата“, кажа Заев додавајќи дека денес таков начин на однесување се препознава и во нашата држава.
Тој подвлече дека ниту оваа Влада, ниту која било идна влада, не смее да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
„Во Бугарија разговаравме за патоказ, кој стои како предлог во португалското решение на проблемот, каде една од обврските е Северна Македонија да достави патоказ до Бугарија. Во тој патоказ се опишани сите области на соработка, со конкретни датуми за реализација и одговорни институции. Со тоа се гарантира интензитетот и поголемиот фокус на изградба на инфраструктура: патна и железничка, отворање гранични премини, подобра соработка помеѓу институциите. Вториот дел на кој се осврнува патоказот е интензитетот на состанување на историско-образовната комисија. На едно место каде се спомнува македонскиот јазик, јасно и отворено стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Нашиот јазик е сличен и со српскиот и со хрватскиот и со црногорскиот и со бошњачкиот и со бугарскиот или со многу други јазици, кои се од јужнословенската група на јазици, но се различни и се меѓународно признати. Во предлогот на португалското претседателство стои чисто дека во преговарачката рамка, преводот ќе биде на македонски јазик. Имало земји кај кои пишувало ‘на официјалниот јазик’, ‘на службениот јазик’ или сл. Имаме такви земји и од соседството. Нашата борба беше да има чист ‘македонски јазик’. И тоа стои во преговарачката рамка. И ќе стои сè додека Европа е Европа, сè додека Европа води грижа за своите и за идентитетите на земјите кандидатки, затоа што тоа е нашиот идентитет. Тоа е борба за македонскиот идентитет и јазик“, рече премиерот кој изрази уврување дека во идниот период, со политичка Влада и со конституиран Парламент во Бугарија, ќе може да се продолжи со разговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

