Македонија
Филипче: Во август или на почетокот на септември би можеле да прогласиме крај на епидемијата
Ако епидемиолошката состојба остане стабилна, во август или на почетокот на септември би можеле да прогласиме крај на епидемијата, изјави министерот за здравство, Венко Филипче на денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“.
Разговорот се одвиваше на теми поврзани со делта вирусот (индиски сој), очекувањата, припремата и капацитетите, планот за имунизација и како истата ефективно да се спроведе во нашата земја.
„За да се прогласи крај на една епидемија треба два циклуси репродуктивни по 14 дена да нема дијагностицирано случаи и има некои предвидувања кај нас како тоа би можело да се случи, ако продолжат овие трендови. Тоа би се случило во месец август или можеби на почетокот на септември“, рече министерот.
Со оглед на тоа што има многу малку новодијагностицирани случаи на 100.000 жители, во моментов таа бројка е под 10, односно сегашната епидемиолошка состојба е стабилна. Болниците се празни, а само мал број на пациенти се лекуваат на Инфективната Клиника. Но системот е подготвен да одговори со болнички капацитети и со се’ што би било потребно во случај на нов, непредвиден епидемиолошки бран.
„Околу 15-20 јули стартува теренската вакцинација во околните места на здравствените домови. Во комуникација со матичните лекари, Здравствените домови ќе ја спроведуваат вакцинацијата преку регрутирање на податоци од тоа колку од прикрепените пациенти се вакцинирани се со цел да се опфатат и останатите. На некој начин, секој Здравствен дом ќе биде регионален центар“, рече Филипче.
Министерот истакна дека на добар пат сме да постигнеме што поголем опфат на вакцинирани граѓани. Заклучно со викендов околу 300.000 граѓани се вакцинирани во нашата држава, од кои 215.000 се ревакцинирани, а дадени се 500.000 дози на вакцини. Во моментов располагаме со доволен капацитет на вакцини, вклучувајќи ги новопристигнатите 500.000 дози на Синовак и 100.000 дози Фајзер. Веќе од утре кинеските вакцини ќе бидат дистрибуирани во сите центри низ државава, со што планирано е помеѓу 10.000-15.000 дози да се аплицираат како прва доза во следните две до три недели со што значително ќе се забрза процесот на имунизација и ќе се извакцинираат сите граѓани пријавени преку веб-страната vakcinacija.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

