Свет
Полска католичка црква: Злоупотребувани повеќе од 300 деца од страна на 292 свештеници

Во својот последен извештај за сексуална злоупотреба на малолетни лица, Полската католичка црква наведе 292 свештеници за кои се тврди дека се злоупотребувачи.
Над 300 момчиња и девојчиња биле злоупотребени од 1958 до 2020 година. Случаите биле пријавени кај црковните власти од средината на 2018 година до крајот на 2020 година.
Извештајот е направен врз основа на информации и податоци добиени од жртвите, нивните семејства, други свештеници, медиуми и други извори.
На онлајн конференција во Варшава, поглаварот на Полската католичка црква, архиепископот Војчех Полак, им се извини на жртвите и побара прошка.
Според црковната статистика собрана од сите епархии, од 1 јули 2018 година до 31 декември 2020 година, до црковните власти биле доставени 368 пријави за злоупотреба на деца на возраст под 18 години во периодот од 1958 до 2020 година.
Од 368 случаи, 144 се потврдени, 186 сè уште се испитуваат, а 38 се отфрлени како несигурни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бели дробови од свиња трансплантирани на човек во Кина

Првпат во историјата хирурзи во Кина успешно трансплантираа бели дробови од генетски модифицирана свиња во човек, што претставува огромен чекор во децениските истражувања за ксенотрансплантација – трансплантација на органи помеѓу разни видови.
Научниците од Медицинскиот универзитет „Гуангжу“ во Кина велат дека нивната работа е првиот документиран пример за трансплантација на бели дробови од разни видови.
Белите дробови беа трансплантирани на 39-годишен маж, кој клинички беше прогласен за мозочно мртов по мозочен удар. Органот остана функционален девет дена демонстрирајќи го потенцијалот за идна употреба на свински бели дробови кај луѓето.
Ова истражување покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста во човечкото тело, иако употребата на животински органи кај живи пациенти е веројатно сè уште оддалечена децении, објавува „Дејли мејл“.
Белите дробови на кинеската свиња бама сјанг беа генетски модифицирани со CRISPR-технологијата за да се отстранат антигените што би можеле да предизвикаат отфрлање од страна на човечкиот имунолошки систем. CRISPR е иновативен, но контроверзен метод, што прави прецизни сечења во ДНК, а потоа користи природни процеси на поправка на ДНК за да ги модифицира гените на посакуваниот начин.
Потоа белите дробови на свињата биле трансплантирани кај човек што бил прогласен за мозочно мртов. Ваквите пациенти законски се сметаат за починати, иако машината за дишење ги одржува срцето и белите дробови во функција.
Имунолошкиот систем на примателот не ги отфрлил веднаш свинските бели дробови, но знаци на оштетување биле забележани уште 24 часа по трансплантацијата, а знаци на отфрлање органи се појавиле на третиот и на шестиот ден. Поради ова, експериментот бил прекинат на деветтиот ден.
Резултатите објавени во стручното списание Nature Medicine покажуваат дека ксенотрансплантацијата на белите дробови не е невозможна.
„Нашата студија покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста кај примателите со мозочна смрт до 216 часа“, велат научниците.
Оваа техника е дел од поширок тренд во медицината, каде што бубрегот, срцето и црниот дроб на свињите претходно биле трансплантирани на луѓе, а примателот на свинскиот орган живеел најдолго, 60 дена, со генетски модифициран бубрег.
Белите дробови се особено тешки за трансплантација поради големата изложеност на надворешен воздух и крв, што ги прави подложни на имунолошки напад и инфекции. Сепак, анатомската сличност помеѓу свињите и луѓето го прави овој вид истражување многу ветувачки.
Научниците истакнуваат дека ова истражување е важен чекор кон решавање на глобалниот недостиг на органи и го отвора патот за идните клинички промени кај пациенти на кои им се потребни бели дробови. Понатамошната работа ќе се фокусира на оптимизација на имуносупресивната терапија, дополнителна генетска модификација и стратегии за зачувување органи, со цел да се овозможи трансплантација кај живи пациенти, пренесува медиумот.
Свет
Руски научници развија ново соединение за борба против ракот

Експерти од Државниот универзитет во Мари и Федералниот истражувачки центар „Уфа“ при Руската академија на науките развија ново хемиско соединение што би можело да стане основа за создавање иновативни лекови против тумори, објави Министерството за наука и образование на Русија.
Ова соединение дејствува селективно на туморските клетки, речиси без да ги оштети здравите клетки, а неговата молекуларна структура комбинира фенотијазинска и трифенилфосфониумска група.
Благодарение на оваа комбинација соединението ја таргетира слабата точка на туморските клетки – митохондриите и ја нарушува нивната работа, објавува „РИА новости“.
„Резултатите од истражувањето покажаа дека новото соединение ефикасно го потиснува растот на разни малигни клетки, вклучувајќи рак на црниот дроб, аденокарцином на белите дробови, колоректален карцином и леукемија. Активноста се манифестира дури и при ниски концентрации, што го прави соединението особено ветувачко за развој на лекови“, рече Константин Белослудцев, доктор по биолошки науки и проректор за иновации на Државниот универзитет во Мари, објавува „Танјуг“.
Како дополнителна предност, Белослудцев ја истакна едноставноста на синтезата на соединението, што овозможува негово производство во доволни количини за претклинички и клинички испитувања. Овие студии се спроведени во рамките на програмата „Приоритет 2030“, пренесува медиумот.
Свет
Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

Финскиот претседател Александар Стаб денес изјави дека се надева дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе исчезне и додаде дека европските земји ќе продолжат да се залагаат за траен мир во Украина.
Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја заврши војната во Украина е преку неговите сојузници, со проценка дека оние кои можат да го убедат рускиот претседател да постигне примирје се на Истокот, објавува „ Ile“.
Финскиот претседател, исто така, рече дека го предупредил Трамп дека Путин користи „типични руски тактики на одложување“ за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фото: принтскрин