Македонија
(Видео) Димитров: Ја усвоивме програмата за усогласување со правото на Европската Унија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на прес-конференција информираше за усвојувањето на Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија (НПАА 2021-2025), којашто е целосно преструкртуирана според новата кластерска методологија за пристапни преговори.
„Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија е веројатно најкомплексниот и секако еден од најобемните стратешки и програмски документи што ги дефинира стратешките правци, приоритетите, динамиката и потребните ресурси, како и активностите за прилагодување на националните институции кон европските административни структури“, посочи вицепремиерот.
Во тој контекст, Димитров нагласи дека клучната цел на НПАА е да ја исцрта националната траекторија до целосна европеизација, додавајќи дека можеби Бугарија може да ги блокира пристапните преговори, но никој не може да нè спречи да работиме на европската агенда дома.
„Оваа ревизија на НПАА не е стандардна и битно се разликува од сите претходни, прво, заради тоа што во март 2020 година земјите членки на Европската Унија донесоа безусловна одлука за почеток на пристапните преговори, со што очекувањата се дека земјата ќе биде поамбициозна во динамиката, но и ќе носи подобри стратешки дефинирани цели, поради што оваа НПАА е целосно преструктуирана според новата кластерска структура, и тоа не само технички, туку и суштински“, објасни вицепремиерот.
Во координација на СЕП, НПАА е подготвена со активно учество и соработка на повеќе од 800 државни службеници од 150 институции, но била предмет и на широки консултации и со 60 претставници на граѓанскиот сектор: „Префериравме квалитет пред брзина и консензус пред едностраност, утврдена временска рамка пред безвременост и јавна отчетност. Следен предизвик ќе биде доследноста во имплементацијата на НПАА. Треба да докажеме дека имаме стабилна демократија и дека ориентацијата и динамиката нема да ја менуваме со секои избори“, нагласи Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.