Регион
Нови правила за влез во Бугарија од 1 јули

Од утре, 1 јули, Бугарија воведува нов режим за влез на странци во државата. Земјите ќе бидат поделени на црвена, портокалова и зелена зона во зависност од развојот на пандемијата.
Техничкиот министер за здравство Стојчо Кацаров објасни дека одлуката во која зона ќе бидат државите ќе биде донесена врз основа на бројот на пациенти и процентот на позитивните тестови во нив.
Списокот ќе се анализира најмалку еднаш неделно и ќе се ажурира во понеделник.
На оние што се во црвената зона нема да им се дозволи влез во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Зошто само Вучиќ и Фицо дојдоа од Европа на историската парада на Шји во Кина?

Речиси сите европски лидери одлучија да ја бојкотираат кинеската воена парада по повод Денот на победата во Пекинг, со исклучок само на двајца лидери, чие присуство предизвика многубројни контроверзии, пишува Би-би-си.
Тоа се словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои со тоа повторно се најдоа во центарот на вниманието. И двајцата присуствуваа на руската парада за Денот на победата во Москва во мај и исто како и тогаш, и сега во Пекинг се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.
Иако двајцата пристигнаа во Пекинг, нивните мотиви се разликуваат. Србија, иако е кандидат за членство во ЕУ, има блиски економски односи со Кина и се обидува да одржи неутрален став кон Русија и покрај осудите на војната во Украина.
Од друга страна, позицијата на Роберт Фицо е многу посложена. Неговата Словачка е членка и на ЕУ и на НАТО, но Фицо отворено повикува на нормализација на односите со Русија.
Додека Брисел планира да го прекине увозот на руска нафта и гас до крајот на 2027 година, словачкиот премиер сака да го зголеми снабдувањето на својата земја со руски енергетски производи и покрај напорите на Украина да го прекине гасоводот.
Остра порака од Брисел
Додека Путин го фали Фицо за неговата „независна надворешна политика“, европските сојузници го гледаат тоа сосема поинаку.
На прашањето дали словачкиот премиер ја претставува Европската Унија во Пекинг, портпаролката на Европската комисија даде краток и јасен одговор – „не“. Таа нагласи дека Кина е клучен поддржувач на Русија во војната против Украина.
Политичките противници на Фицо во Словачка го обвинуваат дека служи на руската пропаганда и дека ги предал интересите на сопствената земја. Самиот Фицо го оправдува своето доаѓање со тоа што наведува дека е во Пекинг „додека се формира новиот светски поредок“.
По разговорот со Путин, тој рече дека дошол до неколку заклучоци и дека има сериозна порака за украинскиот претседател Зеленски, со кого треба да се сретне в петок.
Фото: ЕПА
Регион
Вучиќ на воената парада во Кина: „Благодарен за искреното пријателство кон нашата Србија“

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес објави дека Кина отсекогаш била покрај Србија, особено во тешките моменти.
„Благодарен на претседателот Шји и на кинескиот народ за нивното искрено пријателство кон нашата Србија. Кина отсекогаш била покрај Србија, особено во тешките моменти. Србија и српскиот народ никогаш нема да го заборават тоа“, напиша Вучиќ на „Инстаграм“.
Регион
Поскок касна девојче на Јадран: седела со родителите на плажа кога се слушнал вресок

Кон крајот на август едно украинско семејство доживеало сериозен инцидент за време на нивниот одмор во Хрватска. Додека се релаксирале на плажата со камчиња во заливот Дубовица на Хвар, нивната петгодишна ќерка била касната од отровна змија.
„За време на ручекот девојчето си играше со своите пријатели во близина на кафулето на неколку метри од нас. Одеднаш дотрча и рече дека ја каснала змија, не можевме да веруваме“, вели Марта (31), која сè уште лежи со своето дете во КБЦ – Сплит на лекување, за 24sata.hr.
Мајката исто така истакнува дека на детето веднаш му се слошило, почнало да повраќа и да ја губи свеста, а ногата, каде што било каснато, целосно помодрела.
„Сопственикот на кафулето веднаш повика брза помош. За да забрза, нè однесе до патот со својот автомобил. На пат кон градот се префрливме во брзата помош, која нè однесе до хеликоптерот, а потоа до болницата во Сплит. За време на возењето детето постојано ја губеше свеста и повраќаше, беше ужасно да се гледа“, рече мајката.
Таа додаде дека за помалку од еден час биле во Сплит.
„Ногата постепено помодрувуше на местото на каснувањето. Болницата потврди дека станува збор за змија. Кога пристигнавме во болницата, на детето му беше даден противотров и нè предупредија за можни компликации со ногата. По противотровот, детето се чувствуваше подобро, но ногата беше отечена. Ќерката беше на интензивна нега“, вели мајката.
Лекарите се потрудиле да ѝ ја спасат ногата на малата Украинка, а мајката истакнува дека сè било многу исцрпувачки.
„Ни кажаа дека постои сериозен ризик да ја изгуби ногата. Следното утро лекарите ме повикаа и ми рекоа дека е потребна итна операција“, додава мајката, која признава дека ѝ било тешко да ги потпише документите за да го однесе своето дете на таква операција.
По операцијата, која била успешна, детето било префрлено на хируршкото одделение. Таа сè уште е во болница, а вчера била подложена на уште една операција за затворање на раните.
„Тешко ми е дури и да ја погледнам. Нозете ѝ се полни со конци, сè уште прима инфузии и антибиотици. Но, лекарите направија чудо. Ѝ го спасија животот, но и ногата. Бескрајно сум им благодарна“, вели мајката.
Фото: принтскрин