Македонија
Арсовски: СДСМ сака да воведе највисока еколошка такса за горива во Европа
Наместо Владата да земе еколошка такса од загадувачите коишто реално го загадуваат воздухот, таа зема директно од џебот на обичните граѓани, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој обвини дека во Македонија се воведува највисока еколошка такса за горива во Европа.
Тој тврди дека Зоран Заев и СДСМ сакаат по секоја цена дупките во буџет кои ги направија со криминал, тендери и партиски вработувања да ги покријат и пополнат единствено со пари кои треба да ги дадат граѓаните преку давачките, односно последното преку еколошката такса.
„Еколошката такса од 4.13 денари за литар е покачување кое значи највисока еколошка такса која би ја плаќале граѓаните, споредено со сите европски земји. Сите се свесни дека Македонија го има најголемиот буџет во историјата на Република Македонија, а најлоши економски резултати коишто ни ги презентира и носи оваа влада. Дупките во буџет од криминални тендери, СДСМ и Заев ги надополнуваат преку покачувања на еколошка такса за горива на самите горива, цени на струја, даноци и сè останато“, рече Арсовски.
Тој нагласи дека за сметка на граѓаните еколошка такса не плаќаат фирмите кои користат петрол кокс, а се 20 пати поголеми загадувачи од граѓаните, односно петрол коксот според експертските анализи е 20 пати поголем загадувач од обичното гориво.
Арсовски го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин ќе го блокира штетното покачување на цените на горивата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

