Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за поврат на парите на граѓаните кои се вакцинираа во Србија

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за поврат на парични средства потрошени за имунизација против коронавирусот во Србија, по скратена постапка.
Како што појасни Дафина Стојаноска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, овој предлог-закон ги уредува начинот и условите за остварување на право на поврат на средства за реални трошоци направени во Србија.
„Според податоците објавени од српските власти само во март во Србија се вакцинирале околу 15.000 македонски граѓани. Бесплатната вакцинација за македонските граѓани продолжи и во јуни и сè уште трае, а според податоците овие бројки до денес се зголемени за двојно повеќе па податоците покажуваат дека во Република Србија до половината на месец јуни се вакцинирале повеќе од 30.000 македонски граѓани“, рече Стојаноска.
Со оглед на тоа дека според Уставот е загарантирано правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, додаде таа, Владата беше должна процесот на имунизација да го почне многу порано.
Според Стојаноска, има и група на граѓани коишто се вакцинирале и во други соседни земји и тие граѓани преку амандмански интервенции во законот ќе бидат опфатени во повратот на средствата за имунизација.
Таа ги повика пратениците од парламентарното мнозинство и од останатите опозициски партии да дадат поддршка на овој закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Силниот ветер ја влоши состојбата со пожарот во „Јасен“

Состојбата со пожарот во ловиштето „Јасен“ попладнево значително се влоши поради силниот ветер, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад што удираше на гребенот. Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не му дозволиме на овој пожар да прескокне преку гребенот од страната на селото Брезница, односно од скопска страна. Во тоа успеавме по неколку жестоки битки бидејќи огнот на неколку моменти префрли од другата страна, но благодарение на храброста на вработените во ‘Јасен’, лично овде е и директорот, еден од раководителите, со поддршка од екипа пожарникари од Македонски Брод, успеавме да го запреме по самиот гребен, ги изгаснавме местата на кои огнот префрли од другата страна и ја стабилизиравме ситуацијата“, рече Ангелов.
Пожарот сè уште се движи и создава густ чад што им предизвикува проблеми со дишењето на луѓето на теренот. На помош пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово што ќе ги распоредат. Истовремено поддршка стигна и од вработените од Општината Сопиште кои цело време вршат дотур на вода, покрај другите активности. Тука се и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР.
Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата

Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.