Македонија
Пендаровски: Време е за ресетирање и напредок на државите од Западен Балкан
Претседателот Стево Пендаровски, денеска учествуваше на меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“ и се обрати на пленарната сесија на високо ниво на тема: „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“.
„Политичката волја за да се воспостави нова синергија не е воопшто прашање, но зборуваме за меѓународните интереси на инволвираните чинители – политичката волја на Брисел, на земјите членки на ЕУ, националните интереси на САД и се разбира, националните интереси на земјите во регионот од западната балканска шесторка“, рече претседателот.
Пендаровски ја посочи и потребата од поголемо партнерство и соработка.
„Нема да видиме синергија меѓу двата дела на трансатлантската заедница којашто е толку важна за нас, како во 90-те години. Тоа значи дека поголемиот дел од одговорноста ќе остане на рамењата на регионалните политички лидери. Познато е дека т.н. триаголник на успех за секој пробив во позитивна насока на Западниот Балкан секогаш бил Брисел-Вашингтон и регионалните главни градови“, рече претседателот во обраќањето.
Претседателот, говорејќи за главните прашања коишто се случуваат во моментот, нагласи дека Европската Унија не е способна сама да предводи, а САД не би сакале да предводат сами, додека регионалните елити, истакна претседателот Пендаровски, не се заинтересирани и не би сакале да направат темелна промена во општествата.
„Конечниот резултат е дека Западниот Балкан, особено во минатата деценија заостанува во економска смисла зад Европската Унија и повеќе отколку во претходната деценија, а евидентен е и падот на сите демократски индикатори. Во демократска смисла, Западниот Балкан е поназад отколку што беше пред 15 или 10 години и Западниот Балкан има 18 милиони население на хартија, а во реалноста има 4 милиони помалку“, истакна претседателот Пендаровски.
Тој говореше за реформите и за среќата на луѓето којашто им недостасува во регионот и нивната желба да видат напредок во нивните општества.
„Би сакале да ги забавиме негативните процеси коишто предизвикуваат празнење на регионот, затоа што најпаметните, најмладата, најдинамичната сила го напушта регионот и во суштина ние нема да имаме никого кому ќе можеме да се ослониме во вистинскиот живот за да видиме вистински напредок на нашите економии. Затоа помогнете ни, помогнете им на луѓето коишто живеат во овој регион, време е за ресетирање“, порача претседателот Пендаровски во своето обраќање.
На пленарната сесија учествуваа претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Р. Словенија, Борут Пахор, помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, eврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, францускиот сенатор Ален Ричард и генералниот секретар на заедницата на демократии, Томас Гарет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

