Македонија
Преку соработка помеѓу ЕУ и САД до прогрес во Западен Балкан – порака од „Преспа форум дијалог“
На вториот ден од меѓународната конференција „Преспа форум дијалог“, се одржа пленарната сесија на високо ниво „Ресетирање на синергијата меѓу Европската Унија и САД кон Западниот Балкан“, на која се обратија високите претставници од регионот, Европа и САД.
Претседателот Стево Пендаровски се осврна на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, особено иселувањето на младите.
„Без комбинацијата на нашите енергии, на нашите визии и на нашите проекти нема да можеме да успееме. Добро е да се организираат ваков вид на конференции, убаво е да се видат познати лица, видов неколку од нив кои беа доста активни во 2001 година. Во околности кои беа тешки за Северна Македонија, морам да кажам – Време е за рестартирање“, заклучи Пендаровски.
Покрај Пендаровски, на панелот се обрати и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ кој зборуваше за позицијата на Западен Балкан во Европа, и важноста на регионот за Европската Унија од геополитички аспект. „Најважниот дел од работата мора да го завршиме дома, сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членки на ЕУ. Мораме сите заедно да придонесеме за либерална демократија во Западен Балкан “, заклучи Ѓукановиќ.
Во своето обраќање претседателот на Словенија, Борут Пахор, зборуваше за проширувањето на ЕУ и потребата Западен Балкан да биде дел од европското семејство.
„Забрзаното проширување ќе го зајакне територијалниот интегритет и стабилност на регионот во целина. Одложувањето на членството на Западен Балкан во ЕУ е неразумно и не е добро за никој“, рече Пахор.
В.д. помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, како еден од панелистите, се осврна на прогресот направен изминатите 20 години, од кога за првпат бил во Охрид.
„Првото патување на претседателот на САД, Бајден беше токму во Европа. Ова ја потврдува соработката што ја имаме со европските држави. Мора да работиме заедно за да се спротивставиме на предизвиците кои ги имаме пред нас“, истакна Рикер.
На панелот се обрати и еврокомесарот за буџет и поранешен еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој зборуваше за посветеноста кон демократијата, владеењето на правото и економскиот развој, како постулати кои ги поврзуваат САД и ЕУ.
На панелот се обратија и Алаин Ричард, сенатор од Франција и Томас Гарет, Генерален секретар на Заедницата на демократии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

