Македонија
Младиот математичар Дамјан Давков од Штип ќе добие две парични награди од МОН
Министерството за образование ќе му додели две парични награди на ученикот Дамјан Давков од Штип по основ на освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада.
Двата натпревара се одржани во 2020 година.
„На јавниот повик на МОН за доделување парична награда за освоен златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, на ученикот, на наставникот што му го предава предметот, како и на менторотшто кој го подготвувал ученикот за натпреварот, пристигнаа две барања од страна на младиот талентиран математичар, кој е актуелен со своите постигнувања на домашни и меѓународни натпревари по математика“, се наведува во соопштението на Министерството, во кое се наведува оти комисијата задолжена за разгледување на апликациите оценила дека тие се во согласност со наведените критериуми и услови.
Од МОН упатуваат честитки до младиот Давков, неговото семејство и до наставниците и менторите што го подготвувале за натпреварите за постигнатите високи резултати и во иднина му посакуваат уште повеќе и уште поголеми успеси.
На почетокот на годинава актуелен беше случај токму со овој млад математичар кој освои прво место на државен натпревар, но предвидената парична награда не ја доби, со образоложение дека тој бил осмоодделенец, а натпреварот бил за средношколци.
По реакциите во јавноста за тој случај, беше одлучено ученикот да добие 15 илјади денари од Општина Штип и признание за почесен граѓанин на општината.
Талентот и успесите во областа на математиката на ученикот Давков им се добро познати на неговите сограѓани, кои го нарекуваат штипски Питагора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

