Регион
Хрватска – ниту едно вакцинирано лице не починало од коронавирус
Ниту едно вакцинирано лице во Хрватска не починало од последици на коронавирусот, покажуваат податоците на хрватскиот Институт за јавно здравје, пишува „Јутарњи лист“.
Анализата е направена врз основа на податоците за сите лица вакцинирани до 10 мај, вкупно 882.120, чиј статус е проверен три недели подоцна, на 1 јуни.
Од сите вакцинирани лица, 8.423 се заразиле по примањето на првата доза, што е нешто помалку од еден процент од вкупно вакцинираните. По целосната вакцинација, односно по примени две дози, се разболеле 1.146 лица.
Од вакцинираните со две дози, 149 се хоспитализирани, или 13 проценти од оние што се разболеле и покрај вакцината, а меѓу вакцинираните со една доза околу 9 проценти завршиле во болница.
Ниту едно вакцинирано лице не починало.
Мирослав Венус, претседател на Хрватското епидемиолошко друштво, објаснува дека се очекува помалку од вакцинираните лица да се разболат, како што е случај со сите вакцини, но клучно е дека вакцината штити од смрт и тешка форма на болеста.
„Ова е доказ за сите самопрогласени експерти, ова е практично искуство за сите оние што сметаат дека вакцината не е доволно истражена. Ако Ковид-19 беше настинка или блага температура, тогаш не би ни требало ни вакцина. Ниту јас не би се вакцинирал ако болеста беше таква, но ова е смртоносна болест“, вели Венус, пренесува „Јутарњи лист“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ му ја честита победата на Милановиќ на претседателските избори во Хрватска
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, упати честитка до Зоран Милановиќ за победата на претседателските избори во Хрватска, соопшти Канцеларијата за односи со медиумите на претседателот на Републиката.
Врз основа на 100 отсто преброени гласови, актуелниот претседател Зоран Милановиќ освои 74,69 отсто од гласовите на вчерашниот втор круг од претседателските избори во Хрватска, а неговиот противкандидат Драган Приморац (ХДЗ) освои 25,32 отсто од поддршката, објави утрово хрватската Државна изборна комисија (ДИК).
Милановиќ освоил 1.122.859 гласа, а Приморац 380.752 гласа.
Регион
Каде исчезна Гинисовиот лустер од хотелoт „Југославија“
Хотелот „Југославија“ во Белград, еден од симболите на моќта и престижот на поранешна Југославија, кој во тоа време го посетија американскиот претседател Ричард Никсон и германскиот канцелар Вили Брант, како и многубројни истакнати личности, како астронаутот Нил Армстронг и британската кралица Елизабета Втора, исчезна на почетокот на декември минатата година под багерите.
Целосно беше урнат за да се отвори нов хотелски комплекс. Меѓутоа, во хаосот на уривањето остана во воздухот прашањето – каде заврши импресивниот лустер со кристали „сваровски“, кој своевремено влезе во Гинисовата книга на рекордите како најголем кристален лустер во светот.
Кога беше отворен во 1969 година, хотелот беше меѓу петте најголеми во Европа и важеше за еден од најлуксузните и најубави хотели во светот благодарение, меѓу другото, и на неговиот романтичен поглед на Дунав и споменатиот лустер со 5.000 светилки, тежок дури 14 тони. Бил долг 30 метри и широк пет метри, а бил направен од 40.000 кристали „сваровски“.
Хотелот „Југославија“ беше отворен 1969 година, а неговата изградба траела речиси 20 години. Под работен наслов „Београд“, а според дизајнот на хрватскиот тим архитекти, составен од Младен Каузлариќ, Лавослав Хорват и Казимир Остроговиќ, изградбата била завршена во 1967 година, а хотелот официјално бил отворен две години подоцна.
Инвеститорот на новиот комплекс на локацијата на хотелот, „Милениум“, тврдеше дека познатиот лустер ќе биде реставриран и поставен во новата хотелска зграда. Сепак, до ден-денес, како што пренесуваат српските медиуми, останува непознато како бил демонтиран лустерот и каде се чувал.
Хотелот „Југославија“ беше продаден за нешто повеќе од 27 милиони евра.
Регион
Земјотрес ја погоди Грција, потреси почувствувани на Крит
Земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала синоќа ја погоди Грција.
Земјотресот е регистриран во 1.26 часот по локално време на подрачјето на Крит.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 10 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.