Македонија
(Видео) Николовска: Јовески е де факто еден од главните виновници за растот на криминогеноста

Една од главните причини за тонењето на Македонија во криминал и корупција за што алармираат сите релевантни фактори, е фактичкото нефункционирање на Јавното обвинителство водено од Љубомир Јовески. Јовески е де факто еден од главните виновници за растот на криминогеноста, обвини Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
За жал, додаде таа, продолжува праксата на Зоран Заев и СДСМ, Уставниот суд да преставува уште едно јавно претпријатие со можност за партизација, односно место за париско наградување и унапредување на свои послушници.
„Љубомир Јовески, човекот со амбиција, а можеби и од Заев со ветено унапредување во Уставниот суд, ќе остане запаметен како човек што не отвори уста за ниеден случај, за ниеден скандал за кој имаше индиции за висока корупција, корупција со вмешаност на министри, функционери, премиер“, рече Николовска.
Според неа, Јовески не отворил ниеден предмет од висок јавен интерес, Јовески премолчал предмет за изборно мито, документиран со видеоизјава, премолчал преквалификација на случајот на „Поткуп“, го премолчил „Рекет“, го премолчил и скандалозниот криминоген случај „ШИК Јелак“, каде што, според неа, има јасни недвосмислени индиции што водат до врвот на коруптивната и криминалната пирамида.
„Со нестручно и несовесно работење повеќепати e направена свесна злоупотреба на службената должност. Јовески со сето тоа и со сиот багаж за низа скандали и документирани предмети, наместо да цели кон Уставниот суд, досега требаше да биде цел на Советот на јавните обвинители“, рече Николовска и додаде дека Јовески како и можната негова кандидатура за Уставниот суд е еклатантен пример како една држава како Македонија тоне на сите меѓународни мерења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.