Македонија
Канадските искуства за употребата на канабисот беа дискутирани во Владата
На третиот состанок на Работната група за канабис која се одржа денеска во Владата, на покана на членовите од Здружението на производителите на медицински канабис, присуствуваше и Стефани Вилмот од Канада – консултант за правни прашања и добри производни практики, познати како GMP стандарди (Good Manufacturing Practice) и процеси за примена на лиценци.
Со членовите на работната група, Стефани Вилмот сподели искуства и информации за начинот на кој во Канада е легализирана медицинската и личната употреба на канабисот. Таа се осврна на тековните стандарди, вклучително и добрите производни практики (GMP) за хербални медицински препарати.
Беа објаснети повеќе аспекти кои ги опфаќаат прописите за здраво и безбедно одгледување на канабисот, за контрола на квалитетот во сите аспекти на производството, и тоа за: неопходноста од научно истражување за примена на канабисот како лек за специфични болести, важноста на правилното инспекциско работење за да се обезбеди дека нелегалниот канабис не влегува во медицинскиот пазар и пазарот за лична употреба, вклучително и целосни контролни механизми за следење на одгледувањето и производството на канабис, заштитата на малолетници, и даночните придобивки од легализацијата на канабисот.
На состанокот се разгледаа потребите и можностите за проширување на листата на дијагнози за кои канабисот може да се препише од доктор за медицинска употреба, за што во периодот што следува ќе бидат дефинирани конечните решенија.
Работната група ги разгледуваше и можностите за обезбедување декриминализација на канабисот во рамки на тековната дискусија за измени на Кривичниот законик, а со цел да се отстранат недостатоците во спроведување на правото во оваа област.
Во рамки на работната група се изработува и компаративна анализа на моделите по однос на статусот на употреба на канабисот во 10 различни земји од регионот, Европа и светот (Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија) која ќе обезбеди темелен преглед на политиките за канабис согласно утврдените критериуми.
На третиот состанокот на Работната група за канабис учествуваа претставници од Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на премиерот, Здружението на токсиколози, Психијатриската асоцијација, Факултетското студентско собрание при Фармацевтски факултет, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата маргини, Здружението Операција Ослободување, Здружението за канабис и зелени политики Билка, НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, Здружението на производителите на медицински канабис, Иновативната фармацевтска индустрија и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.

