Македонија
СДСМ вечерва на седница на Извршниот комитет се очекува да ги потврди првите кандидати за градоначалници

Првите дваесеттина кандидати за градоначалници се очекува да бидат потврдени на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ.
Засега е извесно дека за градоначалник на Скопје повторно ќе се кандидира Петре Шилегов. Потврдена е и кандидатурата на Перо Костадинов за градоначалник на Валандово, а актуелните градоначалници на Ресен и Крушево повторно ќе влезат во трка на изборите.
До 1 јули во СДСМ биле пријавени 562 кандидати за градоначалници и 4.530 за советници.
Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Откриена царинска измама со увози на месо во висина од 7 милиони денари

Царинските инспектори при Секторот за контрола и истраги при контрола на 21 увоз на месо од увозник открија царинска измама во висина од седум милиони денари.
Дополнителната контрола на приложените царински документи, како и лабораториските анализи, покажаа дека месото било пријавувано во погрешна тарифна ознака со пониска царинска стапка наместо во соодветната тарифна ознака со повисока стапка.
Против сторителите е поднесена кривична пријава за царинска измама, а донесени се решенија за дополнителна наплата на избегнатите давачки во висина од седум милиони денари.
Царинската управа ќе продолжи со мерки за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување фер конкурентност на пазарот.
Македонија
Одново во функција механизмот за жалби поврзани со изборните активности во онлајн-просторот

По распишувањето на локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, одново се активира координативното тело за постапување по претставки врз основа на Кодексот за однесување во онлајн-просторот за време на изборни процеси и референдуми како механизам за заштита и почитување на правото на слобода на изразување и информирање, загарантирано со членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и македонските закони.
Поединци, институции, невладини организации, политички партии или независни кандидати може да поднесат жалба до координативното тело доколку сметаат дека во врска со изборниот процес се шират дезинформации, говор на омраза, дискриминација, злоупотреба на личните податоци или, пак, прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија и насоките за етичко известување на онлајн-медиумите. Електронската адреса за поднесување претставки е: [email protected].
Координативното тело е составено од претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Фондацијата „Метаморфозис“. За координаторка е избрана Билјана Георгиевска, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, а заменичка-координаторка е Оливера Војновска од Фондацијата „Метаморфозис“.
Кодексот за однесување во онлајн-просторот за време на изборни процеси и референдуми, усвоен во септември 2023 година, се однесува на политичките партии, нивните кандидати и независните кандидати во онлајн-просторот (вклучувајќи и на социјалните мрежи), интернет-изданијата на радиодифузерите, онлајн-медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти што може да извршат влијание врз граѓаните и нивното гласачко право.
Почитувањето на Кодексот се очекува да обезбеди интегритет на информациите во текот на изборниот процес, транспарентност на политичкото рекламирање, безбедност на личните податоци и спречување ширење дезинформации, говор на омраза, ксенофобија, нетрпеливост, страв или тензии што ја поткопуваат демократијата.
Во изминатите две години кон Кодексот пристапија три политички партии: Левицата, Европската демократска партија и Партија на пензионерите, како и 21 медиумска организација (ТВ „Алфа“, ТВ „Коха“, ТВ „Тера“, ТВ „Дуе“, ТВ „Кочани ЛД“, ТВ „Спектра“, Радио Блета, Радио Кочани, Радио Вати, Радио Комета, весникот „Коха“, „Спорт 1“, „4 њуз“, „Екипа“, „Радовиш њуз“, „Гостиварисот“, „Флака“, „Макпрес“, „Одлучисе.мк“, „Порталб“ и „360 степени“.
Координативното тело ги охрабрува сите субјекти на кои се однесува Кодексот да се приклучат заложувајќи се за почитување на неговите одредби, со што ќе помогнат локалните избори да се одржат во фер и демократска атмосфера. Пристапицата кон Кодексот се наоѓа онлајн на: пристапување кон Кодексот – изборен кодекс. Повеќе детали прочитајте на: Кодекс за однесување во онлајн-просторот за време на изборни процеси и референдуми.
Македонија
„Влен“: ДУИ е во паника и почнува да си ги објавува сопствените неуспеси

ДУИ е во паника и почнува да си ги објавува сопствените неуспеси. Со последното соопштение за исклучувањето на Албанците од структурата на Олимпискиот комитет, ДУИ несвесно признава дека 20 години додека беше на власт, не направи ништо за учеството на Албанците во овој сегмент од општеството, велат од Влен преку соопштение.
„Прашањето е едноставно: Што правевте 20 години?
Наместо да работите за интеграција, правична застапеност и можности за сите, дваесет години се занимававте со личен бизнис и богатење. Сега, со ваквите соопштенија, уште појасно им покажувате на Албанците дека ДУИ во сите овие години не постигнала ништо суштинско за нив.
ВЛЕН, за разлика од вас, обезбеди пари за општините каде што живеат Албанците, започна изградба на најкрупните градежни проекти во западна Македонија, обезбедува финансии за квалитетно образование на Албанците во Северна Македонија и носи закон за правична застапеност.
Апелираме ДУИ да продолжи да си ги признава своите пропусти – за граѓаните уште повеќе да разберат дека времето на партијата која ја злоупотребуваше власта за лични интереси заврши“, се вели во соопштението на „Влен“.