Македонија
По пауза од една година, викендов ќе се одржи Галичката свадба – Катерина и Филип се младенците
По пауза од една година поради пандемијата, претстојниот викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. На годинешното 47. издание од оваа автентична манифестација, судбоносното „да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.
„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник. Тој напомена дека од организациски аспект ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од Ковид-19.
Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.
„Галичка свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријалното културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација која го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор“, изјави министерката за култура, Ирена Стефоска, упатувајќи честитки до годинешните галички младоженци, посакувајќи им среќен и долг заеднички живот.
И оваа година Пиварница Скопје го продолжи традиционалното партнерство со манифестацијата, кое непрекинато трае веќе 47 години, од нејзините почетоци до денеска. Покрај финансиска поддршка која има големо значење за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичка свадба, компанијата традиционално обезбеди и пијалаци за учесниците во свадбeната церемонија.
„Среќни сме што оваа година се создадоа поповолни услови за продолжување на традицијата на организирање Галичка свадба. Традицијата е мост што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината, ни дава енергија и нè држи заедно во добро и во лошо и затоа треба да ја негуваме и поддржуваме. Сите ние во Пиварница Скопје сме особено горди што нашата компанија и нашите брендови во континуитет се неизоставен дел од оваа свеченост која плени со својата автентичност, убавина и непроценлива вредност и претставува огледало на нашата традиција“, истакна менаџерката за корпоративни комуникации на Пиварница Скопје, Марија Мининчиќ. Таа се приклучи кон апелот на организаторите за доследно почитување на мерките за заштита од Ковид-19 од страна на сите посетители и учесници во настаните од годинешната Галичка свадба, истовремено потсетувајќи и на препораките за одговорна консумација на алкохол и за одржување на чистата природа во Галичник и неговата околина.
Традиционално, официјалниот почеток на годинешната Галичка свадба ќе биде означен в сабота, на 17 јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, 18 јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Инаку, според програмата на годинешната Галичка свадба, која и овој пат изобилува со најразлични забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации, започнува уште в петок, 16 јули, со настапот на групите Тоа е тоа, Љубојна и Бенд оф, а завршуваа в недела, 18 јули, со испраќањето на тајфата Мајовци и посакување “здравојживо видување вгодина”.
Поддржувачи и партнери на годинешната манифестација Галичка свадба се: Министерството за култура, Пиварница Скопје АД, Винарска визба Тиквеш, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, МЕПСО АД Скопје, ЕВН Македонија, ЈПКД Маврово, Клиника Жан Митрев, Национален парк Маврово, Дигитал центар, Ресторан Маџо 2.0, Шерпа хорс рајдинг, Здравствен дом Ростуше, Општина Ѓорче Петров, Солар спектар, Тои Тои, Спортлајф обложувалници, Пакомак, Спајдер груп, ЈСП, Алкалоид АД Скопје, Поко М, Орбита транс, Општина Маврово и Ростуше, Дарма филм, Вода Маја, ДТИРЗ, Вардар Градско, Славеј, Технокомерц, Пекабеско, Балкан Градба, Саник, Неотел и Делта електрик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

