Македонија
Покренато обвинение против Игор Јанушев и Миле Јанакиески за набавката на кинеските автобуси
Обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот пратеник и ексдиректор на ЈСП Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ и уште две лица, поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според обвинителот, обвинетите ги искористиле своите функции и спротивно на Законот за јавни набавки, прибавиле корист за фирма од Р Кина. Од Обвинителството наведуваат дека незаконски ја фаворизирале и склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Обвинителот проценил дека осомничените со извршените дејствија нанеле штета на буџетот на РМ во износ од 293.773.226,00 денари или 4.772.920 евра.
„По три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отворање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуса од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) (Игор Јанушев) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43) (Миле Јанакиески), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отворањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“, велат од Обвинителството.
Сите се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување.
„Првообвинетиот иако знаел за недостатоците на избраната понуда, наместо да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти, тој донел решение за избор на најповолна понуда и склучил договор за купопродажба на автобуси на износ од 35.425.410,00 евра. Со дејствијата опишани во обвинителниот акт обвинетите сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување предвидени и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик“, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

