Македонија
Кина донира 1,6 милиони денари за поликлиниката во Шуто Оризари

Претседателот Стево Пендаровски заедно со амбасадорот на Кина, Џанг Ѕуо, и претставници на ЈЗУ Здравствен дом Скопје денеска ја посетија поликлиниката „Шуто Оризари“.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, амбасадата на Кина во земјава донираше 1,6 милиони денари за поликлиниката „Шуто Оризари“. Средствата се наменети за опремување на РТГ-кабинет, опремување со медицински мебел и реконструкција на покривот на оваа поликлиника.
Посетата на поликлиниката „Шуто Оризари“ е завршната фаза од оваа активност по потпишувањето на меморандумот за соработка и реализацијата на донацијата.
„Кога минатата година за првпат со господинот амбасадор започнавме да размислуваме каде најдобро би можела да се употреби нивната донација, не ни требаше многу време за да утврдиме дека поликлиниката ‘Шуто Оризари’ е една од првите која треба да добие таква помош за граѓаните на оваа општина да имаат ниво на здравствена заштита еднакво како сите други граѓани кои живеат во другите општини на државата“, рече Пендаровски.
Кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо, рече дека е задоволен што се забележува значително подобрување на условите во оваа здравствена установа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).