Македонија
Спасовски во посета на Пустец: Продолжуваме со интензивна поддршка во постојано унапредување на квалитетот на животот на Македонците во Мала Преспа
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и амбасадорот на Република Северна Македонија во Тирана, Данчо Марковски, денеска, при посетата на општина Пустец, Мала Преспа во Албанија, заедно со своите домаќини Васил Стерјоски, пратеник во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), и градоначалникот на Општината, Пали Колефски, ја посетија градинката во склоп на заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, каде што беше предадена донацијата од играчки, реквизити и подароци за најмалите жители на општина Пустец.
Оваа донација наменета за најмладите, со заложба на министерот Спасовски, беше обезбедена преку генералниот директор на општествено-одговорната компанија „Витаминка“, Сашо Наумовски од Прилеп.
Минатата година обновата на училиштето, која опфаќаше реновирање на училниците и инфраструктурно уредување на училишниот двор и дворот на градинката, беше завршена благодарение на личниот ангажман на премиерите на Република Северна Македонија, Зоран Заев и на Република Албанија, Еди Рама.
Со денешната донација, пак, целосно е заокружен овој проект кој е од големо значење за општина Пустец.
По предавањето на донацијата, министерот Спасовски одржа работна средба со градоначалникот Колефски, пратеникот Стерјовски и членови на Македонска алијанса за европска интеграција.
На средбата уште една беше потврдена поддршката од министерот Спасовски и генерално од Владата за понатамошно унапредување на животот на Македонците кои живеат во Албанија.
„На средбата разговаравме за можностите за реализација на нови инфраструктурни и комунални проекти од интерес на граѓаните на Пустец. Мојата комплетна поддршка, поддршката на целата Влада во насока на континуирано унапредување на квалитетот на животот на Македонците во Пустец продолжува. За таа цел, за дваесеттина дена планирано е да биде пуштен со работа и Граничниот премин Џепиште – Требиште, и тоа со 24-часовно работно време. Реализацијата на ова прашање на кое со години укажуваа жителите од Голо Брдо ќе биде од исклучително значење како од економски, така и од културен и политички аспект“, потенцираше министерот Спасовски во текот на денешната посета на Пустец.
Претставниците од заедницата на Македонците во Албанија и градоначалникот Пали Колефски на работната средба уште еднаш изразија исклучително задоволство од отвореноста за соработка со Владата во изминатите неколку години, која што се одвива во континуитет, каква што во минатото немале со ниедна претходна влада, а успешното градење пријателски односи ќе продолжи и понатаму во реализација на многу други проекти од заеднички интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

