Македонија
(Видео) Отворен новиот булевар Никола Карев под касарната Илинден во Скопје

Градските власти денеска официјално ја пуштија во употреба новозавршената делница на булеварот Никола Карев. На прес-конференцијата по повод отворањето на булеварот се обрати градоначалникот Петре Шилегов.
Проектот за проширување и реконструкција на булеварот Никола Карев се реализираше во две фази, a градежните работи од оваа фаза се извршуваа на потегот од крстосницата кај касарната Илинден до Момин Поток во вкупна должина од 980 метри.
Шилегов напомена дека со овој проект постојниот коловоз е проширен на 4 сообраќајни ленти, со разделно зеленило и нови мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
„Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе започне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот“, кажа градоначалникот.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, изведена и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а поставено е и ново лед осветлување од двете страни.
Вкупната инвестиција во втората фаза на проектот изнесувала околу 160 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од општините Кисела Вода, Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од булевар Борис Трајковски – крак 20 во Усје. (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Божидар Рајковиќ, дел од корисниците од улиците Горноврановска и Горно Лисиче (општина Аеродром ) како и дел од корисниците лоцирани околу улицата Брсјачка Буна бр. 163. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, ги информира граѓаните дека, денеска:
· Поради изведување на водоводен приклучок ф 100 мм на улицата Призренска 22 бр.46Е, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Призренска 22 од 10:00 часот до завршување. (Општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди

Времето денес ќе биде променливо облачно, посвежо и ветровито со сончеви периоди. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен северен ветер (над 60 километри на час). Кон крајот на денот облачност ќе се намали.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Кон крајот на денот облачност ќе се намали. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во четврток времето ќе биде посвежо и ветровито. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 километри на час). Во деновите потоа ќе преовладува сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст.