Македонија
(Видео) Костадинов го обвини Мицкоски дека краде концепти од СДСМ
Христијан Мицкоски, загубен во своите деструкции и блокади, немајќи ништо друго да им понуди на граѓаните, реши да копира концепти и политики од СДСМ, изјави портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов.
Според него, „Македонија за сите луѓе“ е бледа копија на „Живот за сите“ исто како и концептот „Парите кај граѓаните“.
„Не може партија што 11 години земаше од граѓаните денеска да вели дека ќе ги враќа парите назад кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ беше против укинување на радиодифузната такса и против воведувањето дневна евтина тарифа на струјата. ВМРО-ДПМНЕ се противеше на проектот ‘Мој ДДВ’, а преку овој проект за две години вративме 36 милиони евра назад кај 400.000 граѓани“, рече Костадинов.
Тој додаде дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата е покачена од 9.000 на 15.200 денари, а просечната плата за 4 години е зголемена 6.000 денари. Покачени се и пензиите, социјалната помош, платите во здравството, образованието, полицијата, армијата, во социјалната и детската заштита.
„Ако Мицкоски навистина сака да ги враќа парите кај граѓаните, воопшто нека не чека, нека почне во сопствената партија преку враќање на парите што Груевски ги зел од членарините за да купува плацови на Водно. ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги врати милионите за кои се обвинети функционери на партијата и за некои веќе има пресуди. Мицкоски веднаш со Груевски да ги врати парите од Белизе кај граѓаните“, порача Костадинов.
Според СДСМ, граѓаните гледаат кој враќа пари назад, а кој граба и краде за да поставува споменици, палми и лажен барок за милионски провизии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

