Македонија
Мицевски: Враќањето на интерпелацијата за Џафери е спротивно на Деловникот на Собранието
ВМРО-ДПМНЕ достави одговор на известувањето во однос на вратената интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Партијата смета дека враќањето на поднесената интерпелација е неосновано и спротивно на Деловникот на законодавниот дом.
„Интерпелацијата и нејзината форма се единствени и врз нив не се применуваат одредбите што се однесуваат на предлог-закони, како што е наведено во самото барање, односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување предлог-закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог-закон“, истакна координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.


Интерпелацијата беше поднесена месецов откако Џафери во Европскиот парламент говореше на албански јазик. Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова тогаш изјави дека Џафери направил кривично дело.
„Можеби ова се најтешките моменти на атака врз македонскиот јазик не само однадвор, од соседството, туку и однатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација, тој го атакува однатре. Со ова не само што го повреди Уставот туку го изложи на подбив македонскиот народ, како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, а всушност ова е кривично дело што е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик“, рече Силјановска-Давкова по поднесувањето на интерпелацијата.
Интерпелација поднесе и политичката партија Левица. Минатата недела претседателот на Собранието ја врати на корекција бидејќи документот не бил поднесен со уставното име на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

