Македонија
Реновиран уште еден дел од Клиниката за ортопедија
Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за здравство, Венко Филипче, и директорот на Клиниката за ортопедија на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски, денеска извршија увид во завршени реконструктивни зафати на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на ТОАРИЛУЦ.
„Денеска сме тука за да одбележиме уште еден успех во серијата остварувања за подобар јавен здравствен систем во нашата земја првенствено во интерес на нашите граѓани поради грижата за нивното здравје и поради нашите доктори, професори и другите здравствени работници. Во изминатиот период, додека целиот наш здравствен систем беше ставен во првата линија на борбата против пандемијата на Ковид-19, не престана и грижата за обновата на болничката инфраструктура и грижата за опремување на нашите здравствени капацитети со најдобрата и најсовремена опрема за врвни здравствени услуги за нашите граѓани“, рече Заев.
Тој додаде дека претходно на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) беше направена комплетна реконструкција на операционите сали според сите светски стандарди.
Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека ова е уште една во низата реновирања на одделенијата на хируршките клиники во објект изграден во 30-тите години од минатиот век и во кој повеќе од 70 години не е извршено никакво реновирање на просториите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски: Ароганцијата на оние кои дозволија отварање на бугарски клубови во Македонија е ненадминлива
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по повод празникот на трудот Први Мај организираше пикник во Пелинце. Претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски во изјавата за медиумите им го честиташе празникот на сите граѓани и работници и им посака здравје, успех и среќа.
Тој рече дека работничката класа е онаа што ја дигнала Македонија да стане држава.
Димитриевски рече дека истовремено сака да испрати порака до актуелното раководство на СДСМ.
„Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, не обвинија дека сме човек партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат.
Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија. Ниското ниво на комуникација нема да го прифатиме. Но, како и да е, ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што
денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар Пелинце- АСНОМ, каде што се удрени темелите на современата македонска држава, гледам голем број на мои поранешни соборци и сопартијци, коишто ни се придружија на овој настан во организација на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и нивниот број секојдневно расте.
За разлика од раководството на СДСМ, тие ја прифатија подадената рака. Нашата цел е да продолжиме да ги обединуваме граѓаните и ние ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија, државните и националните интереси“, порача Димитриевски.
Македонија
Стојаноска: Со платформата 1198 ќе имаме широк дијалог со синдикатите, жестока борба со корупцијата и економска трансформација
Денес унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Брвеница во дворот на црвата Св. Никола во Челопек организираше одличен настан во кој учество имаа земено и млади девојки во поречка носија оттука го честитаме први мај меѓународниот ден на трудот и се обврзуваме како идна влада со програмата платформа 1198 дека ќе имаме широк дијалог со синдикатите, дека ќе направиме економска трансформација од која ќе бидат задоволни сите граѓани на Република Македонија, рече Дафина Стојаноска, носител во изборната единица шест.
„Ветуваме жестока борба со корупцијата и секако конечно завладејување на правото. Македонија мора повторно да биде твоја и повторно да биде горда“, вели Стојаноска.
Македонија
Минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада, побараа синдикалците
Синдикалците бараат минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз.
Тие порачаа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања во првите 100 дена.
„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“, рекоа од Синдикатот на работниците.
Оттаму порачаа дека бараат достоинствени плати за да не мора, како што рекоа, својата егзистенција да ја бараат во Хрватска, Црна Гора или други земји.
Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука да им биде одземен Работничкиот дом, појаснувајќи дека со тоа се направени обиди за притисок врз синдикатите.