Македонија
Димитров за „Евроњуз“: Ако македонскиот јазик е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде
Проблематизирањето на македонскиот јазик не е во согласност со вредностите за кои се залага Европа како континент, каде што се негуваат јазичната и културната разновидност и каде што сите народи се третираат достоинствено и со почит, вели вицепремиерот Никола Димитров во интервју за „Евроњуз“, со наслов: „Дали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ?“
Тој вели дека доколку македонскиот јазик е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. „Тогаш ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија во контекст на ветото за отворање пристапни преговори со ЕУ, Димитров истакнува дека тоа оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.
„Тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континетот. Дали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде што се негуваат јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на кои се однесува?“, вели тој.
Во таа смисла Димитров нагласува дека почнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но, пред сѐ, поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.
„Изгубивме генерации во чекалницата на ЕУ. Го почнавме нашиот пат кон Европа по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги почнеме пристапните преговори. И токму кога, конечно, го решивме прашањето со преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планина“, вели Димитров.
Сепак, тој вели дека и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување одредени позиции од кои нема отстапување.
„Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение, кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство, и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија. Но, тука има едно „ако“ затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

