Македонија
СДСМ: Анкетата на „Брима“ покажа дека граѓаните најмногу ни веруваат
Новата анкета изработена од агенцијата „Брима“ потврдува дека СДСМ е со најголема доверба од граѓаните, соопштија денеска од владејачката партија.
„На прашањето: ‘Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате’, 18,9 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, а 16,3 отсто изјавиле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, понатаму следуваат ДУИ, Алијансата за Албанците, Левицата, Беса и ДПА“, се наведува во партиското соопштение, во кое се презенираат резултатите од анкетата.

Од СДСМ порачуваат дека предвид треба да се земе и фактот дека Движењето Беса е дел од коалицијата „Можеме“, што според нив значи дека рејтингот на оваа коалиција е уште повисок и изнесува 22,8 отсто.
Од владејачката партија посочуваат и дека нејзиниот претседател, Зоран Заев, според резултатите од истражувањето, останува политичар со убедливо највисок рејтинг и најголема доверба од граѓаните.
„На прашањето: ‘Во кој политичар имате најголема доверба?’, 12,6 осто изјавиле дека тоа е Зоран Заев, а за Христијан Мицкоски се изјасниле само шест отсто од испитаниците. Повеќе од двојно е разликата во рејтингот помеѓу претседателот Заев и Мицкоски“, нагласуваат од СДСМ.
Според нив, тоа е потврда дека граѓаните знаат оти со Заев се можни напредокот, развојот и интеграцијата.

„Во споредба со исто истражување од ‘Брима’ спроведено во јули 2020 година, евидентен е растот на довербата кај граѓаните кон претседателот Зоран Заев од 3,1-процентен поен, а раст бележи и рејтингот на СДСМ, што покажува дека довербата од граѓаните постојано се зголемува“, велат од партијата.
Повикувајќи се на резултатите од „Брима“, од СДСМ наведуваат и дека огромно мнозинство од македонските граѓани остануваат посветени на европската агенда.

„На прашањето: ‘Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?’, огромни 76,3 отсто од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, а само 19,8 отсто одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ“, стои во соопштението, во кое се додава дека ова значи оти нашите граѓани се силно поставени на европскиот курс, дека не гледаат алтернатива на ЕУ.
Анкетата на „Брима“ била правена во периодот од 28 мај до 16 јуни, на терен, во домовите на испитаниците, преку ТАПИ-методот, при што се опфатени 1.194 испитаници. Маргината на грешка е плус минус 2,8 отсто, објаснуваат од СДСМ, нагласувајќи дека кога им била понудена, ја откупиле оваа анкета и со тоа стекнале право да ја користат и објавуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

