Регион
Полицијата во Загреб претепа слеп човек заменувајќи го со друг маж
Полициски службеници во Загреб му ја скршиле ногата и му ја изместиле раката на слеп човек обвинувајќи го за лажно претставување и навреда.
Стеван Јамбрешиќ има 47 години и е целосно слеп од детството. Живее со својата полусестра на западната страна од главниот град. Токму таму пред два месеца го пронашла полицијата. За „Индекс.хр“ тој раскажа низ што поминал поради полициската грешка.
„Одам до оградата, ја отворам. Ме прашаа: дали сте Стево? Така прашаа. Реков – да, да. Но, тие не го спомнаа презимето“, рече Стеван Јамбрешиќ.
Неговото вистинско име е Стеван, но сите го викаат Стево.
По кратка комуникација со полицијата, двајца полицајци влегле во дворот, насилно го привеле, му ја скршиле ногата и му ја исчанчиле раката.
Тие го замениле со друг човек, а не му побарале лична карта. Во станицата, кога тој излегол во ходникот да го земе од јакната документот за идентификација, повторно бил нападнат.
Министерството за внатрешни работи во Хрватска признава дека полициските службеници го прекршиле законот. Тие барале лице со друго презиме за кое претпоставувале дека живее на истата адреса.
Постапките на полицијата ќе беа груби, дури и да ја пронајдоа вистинската личност, а во случајот целосно е нејасно зошто не му дале можност на Стеван Јамбрешиќ да ја покаже својата лична карта, пишува „Индекс“.
Министерството за внатрешни работи оцени дека полициските службеници неосновано користеле сила. Официјалната полициска белешка вели дека докторот на брзата помош, кој бил повикан во станицата кога Стеван Јамбрешиќ се пожалил на болка, заклучил дека Јамбершиќ е во добра состојба.
„Нивното единствено прашање беше – дали имате приговор за полицискиот третман? Реков, секако дека имам oти ми нанесоа телесни повреди. Но, пред да ме отпуштат, се јавив, прашав, инсистирав да повикаат брза помош затоа што не знаев што ми е – ме болеа раката и ногата“, рече Јамбрешиќ.
Тој бил задржан во болница пет дена. Сепак, откога бил претепан од полицијата, бил обвинет и за лажно претставување и навреда и омаловажување, но и за одбивање да даде лична карта, која тврди дека не можел да ја земе оти бил брутално нападнат.
Министерството за внатрешни работи денеска изјави дека по утврдените околности, обвинението против Стеван Јамбрешиќ ќе биде отфрлено, против полициските службеници ќе се поведе дисциплинска постапка, а Државното обвинителство и собранискиот Комитет за човекови права ќе бидат информирани за резултатите од кривичната истрага. Од кабинетот на народниот правобранител велат дека Стеван Јамбрешиќ има право да поднесе тужба за отштета за нанесување тешки телесни повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

