Македонија
Македонски и албански еколошки здруженија бараат Охрид да биде ставен на Листата на светски наследства во опасност
Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.
Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа, што се најчестите причини за уништени вредности и прогласување светски наследства во опасност, туку директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.
„За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади и дополнителното време што го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постојните закони, чекори кон реализација на плановите за Коридорот 8, без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки, кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето итн.“, се вели, меѓу другото, во апелот до Комитетот.
Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација, дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.
„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како процена на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат што го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат што води до можно неповратно губење на непроценливото богатство, кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“, е ставот на „Фронт 21/42“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема поголема минимална плата, доаѓаат „економски работници“
Поголема минимална плата? Нема да има. Нема пари ниту за минимална плата, ниту за земјоделците, ниту за пензионерите, велат од СДСМ.
„Очигледно сите ќе мора да се навикнеме дека поголеми плати нема да има.
Ни доаѓаат „економски работници“. Според договорот кој го објавија британски медиуми треба да им се обезбедат плати, сместување, пензии. Ако нема работа мора да им се плати, што значи нема да има ниту за плати ниту за пензии. Така вели договорот.
Не, тоа не се мигранти. Економски работници. Затоа и Законот за странци го сменија.
Може да ги нарекуваме економски работници додека Мицкоски не им даде пасоши, а потоа ќе станат рамноправни граѓани на Македонија.
Што да се прави, договор си е договорот“.
Како што нагласуваат од СДСМ, засега во буџетот недостига само една милијарда евра.
„Само ВМРО-ДПННЕ не се грижи. Има пари до крајот на мандатот за уште криминални тендери“.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 335.963.096 денари кон 1.211 сточари
Денеска е извршена исплата на средства во вкупен износ од 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2023 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај. Грижата за земјоделците продолжува“, велат од таму.

