Македонија
Казни за 109 возачи поради непрописно престигнување
Вчера од 7 до 12 часот полициски службеници спроведоа засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои непрописно престигнуваат, при што санкционирани се 109 возачи.
Од нив најголем број на територија на СВР Тетово-23, по 22 на територија на СВР Охрид и СВР Куманово.
Непрописното престигнување е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди со тешки последици.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи
ЈСП Скопје извести дека автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема воопшто да работи.
Со оглед на тоа што денот кога се одржуваат парламентарните и вториот круг од претседателските избори е прогласен за неработен за сите граѓани, и автобусите од градскиот јавез превоз ќе сообраќаат по скратен, односно неделен возен ред.
Воедно, жичницата од Средно Водно во врвот Крстовар нема да работи.
Дежурни билетарници од 7 до 14 часот ќе бидат само две, на Транспортен Центар и Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно. Попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Дневната температура од четврток ќе биде во опаѓање. Во деновите од викендот условите за нестабилност ќе се намалат.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.