Македонија
Скопје добива легални ѕидови за слободно користење на уличните уметници

Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“, назначени се две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови и слично.
Двете локации се потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, како и ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.
Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на денот на Солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод тимот на СКОПЈЕ 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата, кој е иницијатор на идејата за назначување на легални ѕидови во Скопје организира и акција на цртање на графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност” на која учество ќе земат седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешкец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермаљ Криезиу.
Акцијата на цртање графити се реализира викендов, а акцијата е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.
Тимот за спроведување на активностите за кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година (СКОПЈЕ 2028) на почетокот на 2021 година, на предлог на улични уметници од градот, покрена инцијативата за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје која беше прифатена од Градот. Со ова градот во рамки на кандидатурата за Европска престолнина на културата на уште една начин покажува дека ја подржува урбаната култура и уличната уметност и овозможува разновиден културен израз на различни локации во градот.
Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници.
Легален ѕид / Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација. Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување. Ова е особено важно за младите улични уметници кои ќе имаат простор да ја развиваат својата креативност и способности за цртање.
Двете локации можете да ги видите на следниот линк – https://www.google.com/maps/d/viewer?mid=1wl0baZguMuBNGlRo3sM37jt7m0DBeWlp&ll=41.999496130047795%2C21.407880850000012&z=15
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински во Гевгелија: Инфраструктурниот бум е она што ја издвојува оваа Влада од сите претходни

Денеска во Гевгелија, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, градоначалникот, Андон Сарамандов и министерот за транспорт, Александар Николовски, присуствуваа на увид во градежните активности на три значајни инфраструктурни проекти.
Министерот Перински при посетата посочи дека овие три проекти, изградбата на западниот Булевар „Свети Климент Охридски“, изградбата на кружна крстосница на влезот во Гевгелија и мост над канал Рауљ како и проектот за реконструкција на дел од Булевар Гевгелија и надпатникот на ул. Железничка и железничка пруга, претставуваат инфраструктурни зафати од исклучителна важност за општината. Тој додаде дека со нив се решаваат реални и децениски наталожени предизвици на граѓаните, за кои долго време никој немал храброст ниту волја да ги реши.
„Ова е она што ја издвојува оваа Влада од сите претходни. Благодарение на заложбите и посветеноста на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, покажавме дека сме вистински и сериозен партнер на сите општини.“, дополни министерот.
Тој потенцираше дека успехот и динамиката на реализација на проектите зависи најмногу од првиот човек во општината. Според него градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, со визија, посветеност и проактивен пристап ги води процесите и обезбедува проекти што оставаат видлива и долготрајна корист за општината.
Македонија
Пуштена новата обиколница во Гевгелија со две коловозни ленти

Нови инфраструктурни проекти за општините во наредниот период најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска се обрати на настанот пуштање во употреба на новата обиколница – Западен Булевар во Гевгелија.
Проектот е вреден над 2, 5 милиони евра, истиот се реализираше во три фази, а третата фаза е финансирана од Министерството за транспорт во висина од преку 500 илјади евра. Обиколницата е во должина од 1, 2 километри со две коловозни ленти. Во своето обраќање вицепремирот Николоски истакна дека централната власт во контуниутет дава силна поддршка за развој на општините.
„Драго ми што се отвори овој Булевар, со него ќе се отвори нов дел од градот. Го следевме овој проект во текот на целата реализација, бевме во координација со гардоначалникот и еве драго ми е што овој проект се завршува. Имаме тековни уште неколку проекти што заеднички ги следиме. Јас сакам да најавам три нови проекти затоа што нашата работа не завршува, цело време имаме нови и нови работи кои што ги правиме. Со подршка на Министерството за транспорт во моментов има активен повик за избор на Изведувач кој што ќе работи во населените места Моин, Богородица и Прдејци и таму ќе видиме нови улици и инфраструктурни зафати кои ќе значат многу. Очекувам некаде до средина на август да избереме Изведувач и од септември да ги видиме машините на терен. Нека е аирлија!“м истакна вицепремиерот Николоски.
На општина Гевгелија преку двата повици за инфраструктурни проекти преку Министерството за транспорт и се одобрија проекти за реконструкција на улици во општината. Исто така со средства преку Министерството се реализираат и проекти во комуналната инфраструктура.
На настанот се обратија и претседателот на Владата, Нристијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Пирински и градоначалникот на општина Гевгелија, Сарамандов.
Во рамки на посетата на Гевгелија, тие извршија увид во реализација на неколку инфраструктурни проекти што ги реализира општината во соработка со централната власт.
Македонија
Мицкоски: Ќе ме прогласат за конзервативен, но за мене создавањето семејство е патриотизам, следната година ќе има поробусна акција од сегашната

Уште поробусна акција за подобрување на демографската слика на земјава најави премиерот Христијан Мицкоски за следната година во споредба се сегашното удвојување на бројот на бесплатни инвитро-оплодувања од три на шест. Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на булевар во Неготино тој кажа дека се бадијала сите проекти доколку не се работи на демографијата.
„Главен предизвик за годините и децениите што следат пред нас е демографијата и демографската слика. Јас многупати за тоа сум зборувал и ќе продолжам да зборувам и ќе бидам многу гласен бидејќи бадијала ни се и овој асфалт и овие натпатници, потпатници, паркови и се што правиме ако немаме дечиња кои ќе ги користат, ако немаме потомство кое понатаму сето ова ќе го ужива и ќе додаде квалитет во нивниот живот. Ние можеме да реновираме безброј градинки и да направиме училишта во рамките на нашите можности, се разбира, но ако немаме дечиња кои ќе бидат таму тогаш сето тоа ни е залудно“, рече премиерот Мицкоски.
За него создавањето семејство и потомство, меѓудругото, е патриотски чин.
„Некои може ќе ме прогласат и за конзервативен некои може ќе ме прогласат за човек кој можеби живее во минатото, јас мислам дека демографијата, потомството, дечињата, создавањето семејство е патриотски чин. И денеска така се брани иднината на Македонија и на македонскиот народ и иднината на македонските граѓани. Ценам дека овие двојно зголемени бесплатни шест ин витро процедури, за разлика од минатото кога беа три, се во таа насока. Но не застануваме тука, продолжуваме и понатаму така што во годината која што следи ќе имаме, би рекол, многу поробусни акции кои ќе значат подобрување на демографската слика на Македонија“, најави премиерот Мицкоски.
Земјава последнава деценија бележи загуба на природниот прираст од над 8.000 лица годишно, односно имаме повеќе умирања отколку раѓања. За да се стимулираат раѓањата Владата предложи, а Собранието веќе го изгласа законот со кој бесплатните инвитро-оплодувања од досегашните три обиди се зголемија на шест обиди, а се скрати и процедурата за одобрување на поднесените барања од три месеци, колку што се чекаше досега, на две недели.