Македонија
Охридското Езеро засега го задржува статусот на УНЕСКО

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44 сесија, која се одржува во Фуџу, Кина, донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.
Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот.
Министерот за животна средина, Насер Нуредини се заблагодари за одобрувањето на дополнителен период до исполнување на препораките.
„Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Истотака благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети и поддршка“, рече Нуредини.
Нагласи дека е задоволен што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе се добие на време за властите да ја комплетираат заштитата на ова природно и културно светско наследство.
„Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа ги поканувам сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации“, порача Нуредини.
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска по тој повод изјави: „Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“.
Стефоска порачува дека оваа одлука е последна шанса, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.
Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, Стефоска вели дека ја засилуваме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Бројот на асистенти за дечиња со попреченост најголем досега, СДС со лажни вести предизвикува вознемиреност

СДС секојдневно пишуваат празни соопштенија, а денес повторно говорат за образованието, небаре го препородија па сега нешто не чини, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од СДСМ беше објавено дека Јаневска направила хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици.
Од новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има и во средните училишта, благодарение на законското решение предложено од Владата, чекор кон поголема инклузивност во образованието, појаснуваат од партијата на власт.
Ангажирањето, како што велат, е транспарентно и не го врши МОН, туку самите училишта со ресурсни центри, дел од кои беа поставени токму од СДС. Асистентите се ангажираат на определено време, според реалните потреби пријавени од родителите и секоја година аплицираат повторно.
„СДС постојано задира ранливи теми и со лажни вести предизвикува вознемиреност. Но, тоа нема да помине. Лажните душегрижници се во опозиција.
Затоа го молиме СДС, кој го остави образованието без учебници, да учи како се развива образованието и да го поддржува истото“.
Македонија
СДС приврзок на бугарските тајни служби, не знае како е да се работи во заштита на државните интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС приврзок и верен извршител на агендите на тајните служби на туѓи држави, не нè чуди што не знае како е да се работи во интерес на граѓаните и заштита државните интереси.
Во немање на своја автентична политика, овој пат, како и вообичаено, СДС се стави во функција одработување на бугарската агенда за напаѓање на државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, СДС која седумгодишното владеење го помина продавајќи и предавајќи ги националните интереси, не може да знае за професионалност на државните служби.
Според нив, ако во нешто друго, освен во предавство СДС се препознатливи, тоа е уништување на државните институции, особено на безбедносните.
„Во нивно време МВР го претворија во партиски пашалак на СДС и ДУИ, каде што полицајки сами се удираа од пајак возила.
Највисоките партиски и државни функционери од СДС можеа да се забележат сликани по кафеани со криминалци и наркобосови, така што МВР наместо да ги гони, го претворија во заштитник на криминалците.
И не треба да се заборави дека во време на СДС, МВР под раководство на Оливер Спасовски издаде 215 пасоши на белосветски криминалци и наркобосови“.
Нормално е, додаваат од партијата на Мицкоски, дека на ова СДС ќе му смета и ќе биде против законските решенија кои го подобруваат функционирањето на институциите и овозможуваат нивна професионализација.
„Сакале СДС или не, државните служби, вклучувајќи ги и оние кои се одговорни за безбедноста на граѓаните и државата ќе профукционираат и ќе се професионализираат“.
Македонија
Намалување на трошоците за потрошена електрична енергија: Министерството за енергетика со мерки за финансиска поддршка на ранливите категории

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, продолжува со имплементација на мерките за директна финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, со цел намалување на трошоците за потрошена електрична енергија. Овие мерки се насочени кон унапредување на животниот стандард на домаќинствата со деца со попреченост, како и на семејствата згрижувачи.
Министерството донесe Решенија за финансиска поддршка на домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток и Решенија за стекнување на финансиска поддршка на домаќинствa згрижувачи кој згрижуваат од едно лице до пет лица во своето семејство, Согласно протоколот потпишан со ЕВН Хоме на месечна основа, најдоцна до 5-ти во месецот, контакт лицата од МЕРМС до контакт лицата од ЕВН доставуваат листи на корисници на кои треба да им се намалат фактурите за потрошена електрична енергија за актуелниот месец согласно Програмата.
Листите ги доставуваат до контакт лицата во електронска форма, на e-Mail адресата [email protected].
Секоја од листите треба да биде во Excel формат (.xls / .xlsx) и да содржи:
– Број на донесено Решение од Министерството,
– Број на корисник од базата на ЕВН Хоме
– Број на место на потрошувачка и
– Износ на директна финансиска поддршка.
По доставување на листите, а најдоцна во рок од 3 работни дена, Министерството врши уплата на вкупниот износ на директна финансиска поддршка за тој месец на ЕВН Хоме. Информација за налогот за исплата ќе се достави на e-Mail [email protected].
ЕВН Хоме на месечно ниво, најдоцна 3 дена од датум на реализираната на корисниците од листата им го одобрува дефинираниот износ на директна финансиска поддршка, и го евидентира како претплата на бројот на корисник.
Претплатата ќе биде видлива во евиденцијата на ЕВН Хоме и ќе биде употребена за намалување на износот за плаќање на следната фактура за потрошена електрична енергија. Намалувањето ќе биде прикажано како “Износ во претплата“ во фактурата.
Доколку износот во претплата е поголем од вкупниот износ за плаќање на фактурата, преостанатиот износ во претплата по основ на директна финансиска поддршка ќе биде употребен за намалување на износот за плаќање на следните фактури, сè до целосно исцрпување.
По евидентирање на претплатите на броевите на корисниците, ЕВН Хоме до контакт лицата од МЕРМС на email адресите доставува вкупен Извештај на евидентирани претплати за сите категории на корисници од овој Јавен оглас.
Со оваа иницијатива, како што соопштуваат од министерството, институциите го потврдуваат својот ангажман во насока на создавање социјално одговорно општество и обезбедување поддршка таму каде што е најпотребна.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи активно да работи на реализација на програмите кои го олеснуваат пристапот до енергија за ранливите категории, во партнерство со сите релевантни чинители, додаваат од таму.