Македонија
Сеќавање за жртвите – Скопје одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година во кој 1.070 лица загинаа, а 3.000 беа повредени.
Во 10 часот пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе.
Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата ќе почне во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз”.
Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град”.
Во 9 часот ќе се организира „Скопска аванТУРА” – Детска едукативна прошетка низ минатото на Скопје, а почетната точка ќе биде Феудална кула кај Домот на АРМ.
Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот кеј „13 Ноември”. Ќе има и настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје”.
Во Национална опера и балет во 20:30 часот, како дел од 42-то издание на „Скопско лето”, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес” (Balkan Dance Project). Ќе учествуваат танчери од земјава, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.
Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на „Бјело Дугме”, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат: Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.
Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија и „Архангел”, насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје”.
Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година”, назначени се две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови,… Локациите се потпорниот ѕид на улицата „Војвода Васил Чакаларов” („Адолф Циборовски”) по „Реплек”, како и ѕидовите од двете страни на булевар „Гоце Делчев” под поранешна Стоковна куќа „Мост”, денес Универзитет на Југоисточна Европа.
Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење денеска, на Денот на солидарноста како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Акцијата за цртање графити се организираше викендов, во соработка со Младинскиот културен центар.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз – Костадинов нема да се кандидира како независен за Струмица

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов нема да се кандидира како независен кандидат за Струмица. Ова тој го објави и на социјалните мрежи.
Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто.
Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување.
Кога споменав можност за независна кандидатура, без воопшто да одлучам, мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето.
Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа“, вели тој.
Секоја чест на исклучоците, додава Костадинов.
„На вистинските другари, чесните, лојалните, тие што навистина сакаат СДСМ да си го врати достоинството. А раководството? Раководството си донесе одлука и покрај мое убедливо водство на сите анкети. Но, во обид да го убијат разумот, почнаа да пуштаат анкети на фејсбук, со лајкови по групи, затоа што веќе не веруваат ни во анкетите што самите ги платиле.
Епа, жално.
Со такво раководство, многу е и една општина да се победи. Не, јас не одам како кандидат.
Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија и знаат дека партијата е жив организам, а не штаб за оговарање.
И да не се лажеме не сум политички наивен.
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз.
Брзо го загризаа тој наратив, но уште побрзо ќе го голтнат поразот.
Мојата стратегија ќе биде јасна – и ќе биде поделена во два дела:
Првиот – во септември. Вториот – по завршување на локалните избори.
До тогаш, правете си анкети по Фејсбук групи.
Дури и тоа нека помогне да се победи барем во една општина.
Јас ќе останам член со замрзнат статус – додека не ги видам резултатите.
После – ќе биде друга песна.
На првиот тест – паднавте.
Во октомври – играјте повнимателно.
Народот не е повеќе глупав.
Политиката е игра на мудрите, изгледа и мудрост и фали на партијата.
Со почит,
Костадин Костадинов
Политичар кој нема изгубено избори и знае кога е време да се повлече еден чекор, за да се врати достоинството на СДСМ“, порачува во напишаното Костадинов.
Македонија
Наместо политика за развој на културата, Љутков води партиска пропаганда, велат од СДСМ

Според СДСМ, денешната прес-конференција на министерот за култура Зоран Љутков е уште еден обид да се замаскира годишното фијаско на ВМРО-ДПМНЕ во културата. Наместо отчет, јавноста доби низа лаги, манипулации и самопофалби без основа.
„Нема „успешна година“ кога институциите немаат средства, проектите стојат, а вработените во Министерството за култура се сегрегирани по партиска припадност и без законски исплатената плата согласно со колективните договори.
Министерот премолчи и дека не се почитува Колективниот договор и се манипулира со културните работници, кои се под постојана закана и притисок.
Љутков не кажа ништо за запирањето на сите активности во заштитата на културното наследство, за нефункционалните конкурси, за партиските поставувања и за скандалите во кабинетот – кои не се „успех“, туку пораз на институцијата“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на денешниот прес министерот за култура Љутков ја излажал јавноста дека за првпат по 8 години е распишан конкурс за креативни индустрии.
„СДСМ го потсетува Љутков дека во 2024 година беше распишан и спроведен Конкурс за креативни индустрии, кој ги содржеше во винстинска смисла на зборот креативните индустрии, а не како годинешниот конкурс на Љутков скроен по мерка за лукративни и корумптивни проекти што би требало на ВМРО-ДПМНЕ да му донесат повеќе гласови на претстојните локални избори.
Наместо културна дипломатија – само патувања без ефект и без отчет. Еве сега прашуваме што конкретно донесе за културата неговото последно патување во Америка и во крајна линија за туризмот? Наместо инвестиции – кратења од буџетот. Наместо визија – политичка пропаганда“.
Остро реагираат како што велат на обидите да се прикаже неработата како резултат.
Македонија
Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи овозможи онлајн закажување термин за сликање за лични документи во државата и за македонската дијаспора, односно сите оние кои не поседуваат македонски телефонски број преку можност да извршат резервација преку електронската пошта, https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request.
Од моментот на воведување на електронското закажување преку Веб страницата на МВР во текот на 2024 имало во просек по 7000 закажани термини месечно, а во текот на 2025 има над 4000 термини месечно или во просек речиси по 200 закажани термини на ден преку овој сервис.
МВР информира дека закажувањето термин преку редовните телефонски линии функционира беспрекорно и термин за редовна постапка се добива за еден ден.