Македонија
Груевски ќе развива бизнис во Унгарија, на 15 јули регистрирал фирма со широк опсег на дејности
Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта, три години по бегството од Македонија.
Информацијата ја објави и унгарскиот портал „24“, при што се наведува дека фирмата била регистрирана во гратчето Пецел на 15 јули.
Експремиерот е наведен како сопственик и директор на Друштвото со ограничена одговорност И. Ц. И. Ц (I. C. I. C.). сместено во куќа на улицата Бошкаји број 9 во Пецел.
Според документите објавени во унгарскиот Централен регистар на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година, од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис.
Од увидот во документите до кои дошла редакцијата на „Дојче веле“ може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис-активности во најмалку 10 сектори.
Така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење, трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, како и со други разновидни стоки.
Груевски планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис-менаџмент, а ќе има можност да си ги проба вештините и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања пазари и испитување на јавното мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби.
Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела поранешниот премиер 8.350 евра.
Груевски одлучил да не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на својот адвокат во Будимпешта, а како втора адреса за комуникација е наведена онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

