Македонија
Шилегов и Заев ги прошетаа Вучиќ и Рама по новиот Кеј 13 Ноември, им поделија и подароци
Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, и премиерот Зоран Заев, денеска, им беа домаќини на албанскиот премиер Еди Рама, како и на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои се во посета на Скопје во рамките на одржувањето на регионалниот деловен Економски форум.

Како што информираат од Град Скопје, Шилегов, Заев и гостите прошетале по новиот Кеј 13 Ноември.
„Чекор по чекор по новото слободно шеталиште во разговор им ја раскажав нашата скопска поинаква приказна. Она што на граѓаните им го овозможивме во последните три години, а ги запознав и со дел од визијата и идеите што планираме да ги остваривме во следниот мандат“, напиша Шилегов по средбата, кој за своите гости имаше подготвено и подароци – маички со мотиви од главниот град.

Премиерот Заев во најавата за Економскиот форум порача дека Балканот е нашиот заеднички европски дом.
„Попладнево им посакав добредојде на претседателот на Србија, Вучиќ, и на премиерот на Албанија, Рама, по што имавме заедничка прошетка по новиот скопски кеј, каде што домаќин ни беше градоначалникот Шилегов. Разговаравме и со граѓаните во центарот на Скопје како најава на Економскиот форум за регионална соработка, кој првпат се одржува во Северна Македонија, како и за отворањето нови перспективи за нашето поврзување“, напиша Заев на својот фејсбук-профил.

Домаќините ги почестиле двајцата високи гости и со печена пченка од уличните продавачи на плоштадот Македонија.
Рама и Вучиќ се во посета на Скопје во рамките на одржувањето на Економскиот форум за регионална соработка, каде што учествуваат над 350 компании од Западен Балкан, а се очекуваат над 400 билатерални средби на бизнисмените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

