Македонија
Заев: Очекувам на „Отворен Балкан“ наскоро да се приклучат и Приштина, Сараево и Подгорица

Балканот повеќе не е темпирана бомба, туку симбол на пријателство, а регионалната иницијатива „Отворен Балкан” создава многу можности за подобар живот на граѓаните во сите земји во регионот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за српската агенција „Танјуг“.
Заев истакнува дека кога го кажува тоа ги пренесува мислите и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Додава дека во претстојниот период и покрај воздржаните или негативните реакции што доаѓаат од Приштина, Сараево и Подгорица, во врска со „Отворен Балкан“, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе се приклучат на иницијативата бидејќи, како што вели, сите истражувања покажуваат дека граѓаните на овие земји гледаат позитивно на потенцијалот на придобивките што го носи регионалната соработка и отворените граници.
„Единствените начини како ние можеме да го подобриме животот во регионот е да го донесеме тоа што го имаат граѓаните во Германија, во една Франција, во една Австрија, Италија, Швајцарија овде во регионот. Да го направиме и нашиот регион поврзан и заеднички и отворен пазар. За разлика од минатото кога преовладуваше политичко непријателство, кавги, проблеми сега сите заедно во „Отворен Балкан“ работиме на интеграцијата на регионот во ЕУ со забрзување на процесот за европски, поквалитетен живот за граѓаните“, истакна премиерот Заев во интервјуто за „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Од сабота, 23 август, до 11 септември граѓаните можат да го проверат Избирачкиот список и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци. Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна на 3 октомври, додека политичките партии ќе можат да го проверат списокот и да поднесат свои барања до 19 септември. Податоците за граѓаните кои поднеле барање за лична карта, ќе се впишат по службена должност, како и податоците за лицата во затвор или установи за вонсемејно згрижување.
Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.
Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.