Македонија
(Видео) Пендаровски: Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ
Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, вели претседателот, Стево Пендаровски, во честитката за 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
„На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања“, вели претседателот.
Но, еднаш добиена, додава тој, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација.
„Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби. Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас“, вели Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кожуф добива нова зимска атракција – патека долга 1200 метри
Во Ски-центарот „Михајлово“ се гради нова скијачка патека долга 1200 метри, на надморска височина од 1400 метри, заедно со нов ски-лифт и уште две дополнителни ски-стази.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект претставува силен развоен чекор за зимскиот туризам и планинските спортови во регионот, а Кавадарци ќе стане задолжителна зимска дестинација.
Отворањето на новата патека е планирано за 1 јануари 2026 година, со што Кожуф добива „нова зимска енергија“, напиша Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.
Македонија
УЈП на највисокиот европски самит на даночни администрации – ТАДЕУС
Во рамки на заложбите за унапредување на учеството на Управата за јавни приходи на меѓународно ниво, директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на ЕУ Самитот на даночни администрации ТАДЕУС, организиран од Европската комисија и Данската даночна агенција.
На настанот се собраа шефовите на даночните администрации од земјите членки на ЕУ и други земји кандидати за членство во ЕУ. Главна тема на самитот беше градењето робустни даночни администрации во светот што се менува, со акцент на новиот пејсаж на ризици, како сајбер и хибридни напади, природни катастрофи, пандемии и други вонредни настани како војни и сл., кои произлегуваат од експанзијата на технологии, глобалната поврзаност, климатските промени, геополитичките состојби и др. Собирањето на даночните приходи е круцијално за добросостојбата на општеството, а даночните администрации треба да бидат отпорни и прилагодливи на сите состојби за да ја остваруваат без прекин својата функција за собирање на приходите и одржување на буџетската ликвидност.

Во своето обраќање директорката нагласи дека еден од главните предизвици на УЈП е дигиталната трансформација која не може да се одвои од прашањето за заштита на податоците, човечките и материјалните ресурси од уништување, злоупотреби и сл. Покрај глобалните предизвици, УЈП има и специфични ризици поврзани со општествено-политичкиот и економскиот контекст во земјата. Сериозни ризици, нагласи директорката, носи сивата економија која вклучува и прекугранични трансакции и онлајн активности, што бара засилена меѓународна соработка, размена на податоци и административна помош меѓу земјите.
Присуството на УЈП на овој самит има големо значење, не само потврдувајќи ја посветеноста на УЈП за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, туку и овозможувајќи активно учество на УЈП во воспоставувањето глобални стандарди и практики на даночната администрација. Така УЈП станува рамноправен фактор во мрежата на даночни администрации кои се соочуваат со заеднички предизвици и бараат иновативни решенија за одржливост и континуитет во време на промени.
Македонија
„Со робусно ‘извештајче’ Европа прати јасен сигнал дека Владата е неспособна и антиевропска“, велат од СДСМ
„ВМРО-ДПМНЕ покажува ароганција зад која се крие неуспешен обид да го омаловажи Извештајот на ЕК затоа што е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Мицкоски“, велат од СДСМ.
„ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа.
Ова е најлошиот извештај за Македонија во последните десет години. Македонија нема напредок во ниту една област, реформите се блокирани, а владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата.
Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега.
Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност.
Во економијата и земјоделството има стагнација и слабости во јавните инвестиции, доцнења со поврат на ДДВ, а во образованието и младинските политики резултатите се поразителни, државата бележи пад и под просекот на ЕУ.
Дека реформите не се приторитет за власта покажува фактот што нема пари ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст, што значи дека владата на Мицкоски нема капацитет.
Со робусно „извештајче“ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска. ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на прашањето: зошто државата назадува во секоја област“, прашува СДСМ преку писменото соопштение.

