Македонија
(Видео) Мицкоски: Илинден обедини генерации Македонци за слобода

Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 2 Август од Ташмаруниште, Струга.
„Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слободата, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме“, рече Мицкоски.
Знам дека ова време, додаде тој, се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила некогаш позната во човештвото. „Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна“, рече Мицкоски.
Според него, срамно е што за прв пат во триесет години независност власта ја променила прославата за Илинден.
„На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.
Македонија
Царински инспектори пронајдоа дрога во стан на студентка, државјанка на Турција

Психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана е пронајдена при претрес на дом во Гостивар во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција. При претресот, извршен по добиен налог од надлежното обвинителство, инспектори од Одделението за истраги, пронајдоа вкупно шест таблети од 0,29 грама прихотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис, извести Царинската управа.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. По приемот на пратката, осомничената ја отворила и од неа ја извадила дрогата. Во истиот момент, царинските инспектори, со налог на јавен обвинител, извршија претрес, при што е пронајдена дрогата.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесе кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.