Македонија
Сите специјални единици на терен – 583 полицајци ангажирани во гаснењето на пожарите
Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 7 часот наутро вчера до 7 часот денеска, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на државата, од страна на МВР биле ангажирани околу 583 полициски службеници.
Реализирани биле 202 мото-патроли и користени 172 возила.
Деноноќно на терен се и припадниците на сите специјлни единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Рокас: ЕУ со силна поддршка во реформите и креирањето на модерна и професионална полиција
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со новоназначениот амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија, Н.Е. Микалис Рокас.
Министерот Тошковски упати честитки до амбасадорот за назначувањето на новата функција и изрази уверување дека одличната соработка и пријателските односи ќе продолжат како и со сите досегашни амбасадори на ЕУ во земјата.
„Европската унија е наш најзначаен партнер со поддршка преку структурните фондови, ИПА проектите и последно, преку Планот за раст, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција. Солидарноста летово ја видовме на дело. Благодарност до ЕУ и нејзините земји членки за асистенцијата која ни ја дадоа во справувањето со пожарите кои ја погодија земјава летово, без нивна помош, загубите и штетите по државата ќе беа непроценливи“, потенцираше министерот Тошковски.
Амбасадорот Михалис Рокас ги нагласи актуелните проекти и поддршката што ја добиваме од страна на ЕУ во дел на јакнење на капацитетите на МВР, посебно во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и високата корупција и ги подвлече предизвиците на кои треба да се фокусираме за доближување кон европските стандарди. Рокас ја изрази својата поддршка кон реформските процеси и приоритетите на министерството во борба со организираниот и сите видови криминал и корупција и обезбедување на безбедноста на сите граѓани и општеството од страна на МВР.
Македонија
(Видео) Владата на СДС и ДУИ ги заглави Национални шуми, еден милион евра ненаплатени побарувања, за 800.000 нема никакви податоци, вели Петрушевски
„Владата на СДС и ДУИ ги има заглавено Национални шуми. Според Извештајот на ДЗР нема воспоставен попис на побарувања по комитенти, нема податоци за основот и старосната структура на истите, ниту дали се преземени дејствија за наплата“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ревизијата која е извршена за 2021 година, а изготвена во 2023 година, покажува дека влада на СДС и ДУИ се однесувале кон Национални шуми како бунар без дно.
Имено Извештајот покажува дека во 2021 година Национални шуми има ненаплатени побарувања од 62 милиони денари, што е над 1 милион евра.
За 47 милиони денари, односно 800.000 евра, нема аналитичка евиденција, не се знае ниту основот, ниту староста.
Седум години Национални шуми тонеше.
Не е чудо што кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде владата, претпријатието немаше ниту за плати.
Неспособноста завршува со СДС. ВМРО-ДПМНЕ работи 100% одговорно, за твојата иднина“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сиљановска-Давкова до словенечката претседателка: Во нашата ситуација неопходни се лидери и земји што ја разбираат нашата позиција
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар во Тиват, Црна Гора каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Двете соговорнички разменија мислења и информации за нашата иднина во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска Давкова упати искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европската интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.
Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите-членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска Давкова порача дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигураме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласи дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската унија и да се потврди јасната посветеност на регионот.
На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји, кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит и беа нагласени заложби за проширување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба, разбирањето и партнерството.
Во контекст на соработката на меѓународен план, претседателките Сиљановска Давкова и Пирц Мусар констатираа дека двете земји се усогласени со целите за зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на мирот и одржливиот развој, а беше истакната и долгогодишната соработка во рамките на Обединетите нации.