Свет
Курдската милиција отвора канцеларија во Женева за да гради односи со Европа
Народните заштитни единици (ЈПГ) од североисточна Сирија ќе отворат канцеларија во Женева во обид да воспостават официјално присуство во Европа и да ги развијат односите со европските земји, објави курдската милиција цитирана од турски „Дејли сабах“.
Освен тоа, ЈПГ планираат да отворат помали претставништва и во Франција, Германија, Шведска, Луксембург, Белгија и во Холандија.
ЈПГ и Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите, со кои се поврзани, долго време се обидуваат да добијат легитимитет како автономна сила на териториите што ги контролираат во североисточна Сирија.
Тој легитимитет за време на тековниот конфликт во Сирија беше суптилно поддржан од САД, Франција, Германија и од Шведска, кои испратија дипломатски делегации да се сретнат со курдските милиции.
Меѓутоа, постои зголемена загриженост во врска со непочитувањето на човековите права од страна на ЈПГ и СДФ откако се појавија многубројни извештаи за принудно регрутирање деца војници, пукање во демонстранти, тортура на активисти и за злоупотреба на етничките Арапи.
Освен тоа, и покрај поддршката од Западот за курдските милиции, Турција постојано тврди дека и ЈПГ и СДФ се сириски разгранок на терористичката Курдска работничка партија (ПКК) и со тоа алиби и почна воени операции против ЈПГ.
Иако западните држави сѐ уште не ги означија ЈПГ како терористичка група, ЕУ неодамна призна дека постојат врски меѓу курдските милициии и екстремно левичарските екстремистички групи со седиште во Европа.
Во извештајот на Европскиот совет во јуни, со наслов „Акција на ЕУ за борба против левичарскиот и анархистичкиот насилен екстремизам и тероризам“, се наведува дека некои западни доброволци што им се придружиле на ЈПГ во борбата против Исламската држава се водени од левичарските екстремистички идеолошки убедувања.
Во извештајот се додава дека исто како Европејците, кои им се приклучија на џихадистичките групи, левичарските и анархистичките насилни екстремистички борци во Сирија стекнуваат или зајакнуваат борбени вештини, кои во принцип би можеле да се користат за терористички активности во Европа.
Некои европски држави приведоа и презедоа против граѓани што биле доброволци на ЈПГ. Британската влада, на пример, уапси едно такво лице во 2018 година и го обвини таткото на друг доброволец во 2019 година за поддршка на тероризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.

