Македонија
(Видео) Арсовски: Заев по секоја цена сака да се изгласа Законот за марихуана
Зоран Заев свесен дека ја губи власта и дека ќе биде сменет, повторно почна со личните фамилијарни агенди на нарко-картелот Заеви, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според него, премиерот веќе и самиот е убеден дека неговата партија ќе ги изгуби локалните избори, па сега по секоја цена со европско знаменце сака во Собранието да го изгласа Законот за марихуана.
„Предложен пред само неколку дена од страна на Владата, нормално од најверниот претставик кој го брани до крај криминалот на Зоран Заев и власта, Венко Филипче, како ресорен министер на министерството за здравство.
По ниту едно поглавје, по ниту еден критериум и интерес на европското семејство и ЕУ не може да се стави овој закон за марихуана или канабис да биде изгласан со европско знаменце.
Тоа е закон кој е единствено од интерес на нарко-мафијата, односно на картелот Заеви кои ја предводат таа мафија.
Тоа е закон кој треба да го легализира она за кое што е уапсен шоферот на Трајче Заев и командирот на прилепската полиција, кои беа уапсени за шверц на марихуана. Овој закон треба да го легализира тоа и овие луѓе да бидат на слобода“, посочи Арсовски и порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане одлучна до крај и нема да го прифати овој закон кој е само инструмент за лично богатење на Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

